Евроинтеграции

Бугарската блокада- сериозна политичка грешка

08.12.2020 13:18

Бугарската блокада е сериозна политичка грешка, изјави германскиот министер за европски прашања Михаил Рот пред почетокот на министерски состанок во Брисел. Блокадата за проширувањето го загрозува и Западниот Балкан, но и Европа. Во меѓувреме, 20 европратеници од сите политички партии во Европскиот парламент потпишаа изјава со која се бара да не се испушти шансата за одржување на првата меѓувладина конференција со Северна Македонија до крајот на годинава...

Проширувањето на ЕУ е блокирано од Бугарија, соопшти германскиот министер за европски прашања Михаел Рот пред видео состанокот на министрите од земјите- членки. Немањето согласност за одржување на прва меѓувладина конференција со Северна Македонија ќе биде тешка политичка грешка на штета на стабилноста на целиот Западен Балкан, но и на Европа, предупреди Рот.

„Ќе разговараме за проширувањето на ЕУ. За жал досега не успеавме да го исполниме напредокот за кој самите веќе се усогласивме. Во позадина стојат билатералните барања на една земја- членка кон која другите 26 не можеа да се приклучат. Германија како претседавач со ЕУ, ќе направи сѐ што може да се најде компромис и да се одржи првата меѓувладина конференција со Северна Македонија. Исто така и со Албанија, но по исполнувањето на некои дополнителни услови од оваа земја. Сѐ друго ќе биде тешка политичка грешка со цена по стабилноста и безбедноста на Западниот Балкан и тоа тешко ќе ја загрози и безбедноста на Европа. За тоа сите треба да бидат свесни“, нагласи германскиот шеф на дипломатијата, Рот.

Во меѓувреме, 20 европратеници од сите политички партии во Европскиот парламент потпишаа изјава со која се бара да не се испушти шансата за одржување на првата меѓувладина конференција со Северна Македонија до крајот на годинава.

Блокирањето на пристапните преговори го загрозува кредибилитетот на ЕУ на Западниот Балкан, порачуваат европратениците. Повикаа Бугарија и Северна Македонија да најдат компромис за билатералните прашања за да се избегне натамошно одлагање на процесот.

Бугарија треба да го одобри отворањето на меѓувладината конференција со Македонија што е можно побрзо и со тоа да оддаде признание за напорите на земјата во пристапниот процес кон ЕУ“, стои во изјавата на европратениците.

Изјавата од европратениците е потпишана од известувачот за земјава. бугарскиот пратеник Илхан Ќучук, како и од пратениците добро познати на македонската јавност, Тања Фајон, Дејвид Мекалистер, Рајнхард Бутихофер и други.

 

Ирина Гелевска