Пелагонија

Дождот добредојден за есенските посеви

08.12.2020 12:28

Неколкудневните врнежи од дожд- надеж за пелагониските земјоделци да никне посеаната пченица во најголем дел од парцелите. Посакуваат што побргу да се формира и снежната покривка, бидејќи голомразицата и ниските температури не одат во прилог на слабата кондиција на есенските посеви...

Задоцнети, но сепк добредојдени неколкудневи врнежи од дожд ја зголемија надежта дека посеаното есенва нема во поголеми размери да остание само во пелагониската почва. Земјоделецот Борче Врџовски вели дека сеидбениот план главно е исполнет, но пробиваните рокови и тримесечната суша веќе ги покажаа негативните ефекти.

Најголемата житница во делови започнува да позеленува, но не секаде густината е забележлива. Колку и каде влагата ќе даде ефект, зависи од тоа колку од семенскиот материјал е само обично мртво семе или било предвремено испровоцирано. Важно е дали е применета и мерката за поголеми количини фрлено семе.

Засега се само претпоставки и добиена надеж. Вистинската слика ќе се добие на пролет и дали со следната земјоделска операција, прихраната, може да се поттикне покасно изникнатото. Земјоделците посакуваат што побргу да се формира и снежната покривка, бидејќи голомразицата и ниските температури не одат во прилог на слабата кондиција на есенските посеви.

Стевче Митревски