Димитров: Бугарската блокада- голем удар за европската политика кон Балканот
Вицепремиерот за европски прашања Димитров, смета дека одлуката да не се усвои преговарачката рамка за ЕУ е пораз на европската политика, но тоа не значи дека треба да паднеме во очај. Според него, земјава мора целата енергија да ја насочи кон реформи на системот...

Вицепремиерот Никола Димитров ја оцени бугарската блокада како голем удар за европската политика кон Балканот, но вели дека не смееме да паднеме во замка и да очајуваме, туку дека треба да работиме и да се европеизираме. Вели дека има добра волја кај многу земји- членки на ЕУ да ни помогнат да се европеизираме дома и да бидеме во добра кондиција тогаш кога Европа ќе успее да ги убеди своите членки да си ги почитуваат сопствените вредности.
Земјава нема да дига рака од пристапниот процес и ќе продолжи да ја убедува Бугарија дека не може правото на самоопределување да биде пречка за европските интеграции или за добрососедство, рече Димитров.
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи вели дека постои теоретска можност, но сѐ помали се шансите неделава на министерскиот и на состанокот на лидерите од земјите-членки на ЕУ, да се отвори прашањето за проширувањето и да има одлука за одобрување на преговарачката рамка што ја блокира Бугарија.
Според Османи, идентитетот и јазикот се црвените линии, како за Македонците, така и за Албанците. За црвените линии никој нема право да преговара. Ние Албанците, заедно со македонските граѓани, градиме заедничка иднина. Албанците ќе останат лојални до крај. Верувам дека и опозицијата ќе биде поконструктивна во оваа насока, посочи Османи.
Игор Панов
