Охрид го чествува патронот на градот
Охрид го одбележува патрониот празник на градот Свети Климент Охридски. Поради пандемијата изостанаа поголеми свечености, но и покрај тоа поголем број верници се поклонија пред моштите на светецот притоа почитуваќи ги мерките за заштита од коронавирусот. Денеска беше врачено и највисокото општинско признание „Патрон на градот- Свети Климент Охридски“ на академик Вера Битракова Грозданова.

Македонскиот духовен центар Охрид, денеска го чествува патрониот празник на градот, Свети Климент Охридски Чудотворец, првиот словенски епископ, научник и основоположник на првиот словенски универзитет.
По традиција утрото во возобновената Светиклиментова црква на Плаошник беше отслужена Света архиерејска литургија со која чиноначалствуваше митрополитот Тимотеј, а пред моштите на светецот се поклонија верници од Охрид и земјава.
Поради здравствената криза празникот скромно го одбележа и локалната самоуправа при што на пригодна свеченост беше доделено највисокото општинско признание „Патрон на градот-Свети Климент Охридски“ кое годинава ѝ припадна на академик Вера Битракова Грозданова, универзитетски професор и еминентен научник од областа на археологијата и историјата на уметноста. Во оваа пригода академик Грозданова рече дека наградата од родниот град многу ѝ значи, особено поради тоа што го носи името на патронот на градот и на нашата татковина.
„Живеам со традицијата на Климент, со традицијата на сѐ што е охридско и со моите истражувачки зафати коишто се на некој начин реализирани во моите трудови, а тоа е резултат на една догогодишна врска со теренот, со градот, со археологијата, јасно охридска“, изјави академик Вера Битракова Грозданова
Денеска беа доделени и повелбите „Патрон на градот-Свети Климент Охридски“ кои ги добија охридската Општа болница како главен носител на борбата со Ковид 19, д-р Мимоза Влаши Хиса- специјалист по гинекологија, акушерство и неонатолошка опсервација и професор д-р Рубин Земон социо-културален антрополог.
Сашо Нелоски
