До петок ниту откуп на тутун, ниту протести

08.12.2020 15:41

Незадоволните тутунари и министерот за земјоделство во Прилеп денеска се договорија: протести да нема до петок за кога е закажан состанок на откупувачите со тутунарите, а ќе посредува министерството. Откупот ќе се стопира, ќе се повлчечат поверениците од пунктовите. За тутунарите има решение ако се сака, а тие бараат реална процена на тутунот кој е со добар квалитет...

До петок нема протести, ниту откуп на тутунот. Тогаш на маса ќе седнат откупувачите со тутунарите, а ќе посредува Министерството за земјоделство. Ова е епилогот од денешниот состанок во Прилеп на министерот за земјоделство Арјанит Хоџа со иницијативниот одбор на незадоволните тутунари. Министерството е подготвено активно да посредува за да се најде решение за реален откуп на тутунот. Тутунарите пред локалната самоуправа го чекаа исходот од договорот.

Иницијативниот одбор со правни застапници ќе учествува на состанокот в петок и смета дека има решение ако се сака. Се бара реална процена на тутунот која нема да биде под 200 денари зашто родот е со добар квалитет.

Од Сојзуот на земјоделските здруженија до петок ги повлекуваат поверениците од откупните пунктови.

Доколку не се најде решение в петок, тутунарите најавија поголеми протести и блокади.

 

Елизабета Митреска