ЗДРАВЈЕ

СЗО: Вакцинацијата против Ковид- 19 не треба да биде задолжителна

09.12.2020 10:22

Светската здравствена организација (СЗО) изјави дека вакцинацијата против Ковид-19 не треба да биде задолжителна, освен во специфични професионални околности.

Пристигнувањето на вакцините е „добра вест“, рече Мајкл Рајан, директор за итни прашања при СЗО, на прес-конференција и истакна дека предностите на вакцината треба да бидат подобро објаснети, наместо воведување на задолжителна вакцинација.

„Не мислам дека треба да се воведе задолжителна вакцинација“, рече Кејт О’Брајан, директор на одделот за имунизација и вакцини на СЗО, истакнувајќи дека „искуството покажало дека кога земјите сакале да воведат задолжителна вакцинација со некои вакцини, тоа немало посакувани ефекти“.

Но, може да има „одредени ситуации во земјите каде што постојат професионални околности што би барале или препорачуваат вакцинација“, рече таа, повикувајќи се на „одредени работни места во болниците“.

Директорот на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус ги повика земјите кои планираат вакцинирање во наредните недели и месеци, првенствено да ги вакцинираат оние на кои им е најпотребна, бидејќи количината на вакцини ќе биде ограничена на почетокот.

СЗО препорача прво да се вакцинираат здравствените работници кои се изложени на опасност од инфекција, најекспонираните лица кои страдаат од сериозни болести или се во поодминати години.

Бидејќи количината на достапни вакцини ќе се зголеми, СЗО понатаму препорачува вакцинирање лица со поголем ризик од тешки форми на ковид-19, односно оние кои имаат здравствени проблеми и маргинализирани групи со поголем ризик, прецизира генералниот директор на СЗО.

Со цел најбогатите земји да не ги купуваат сите дози на вакцини што ќе бидат достапни во ограничени количини, СЗО го лансираше механизмот ACT (акцелератор), кој треба да овозможи фер дистрибуција на вакцините.

Дијана Гогова Атанасова