Вечер средба Џонсон- Лајен во Брисел
Преговарачите за Брегзит предупредуваат дека рокот за трговски договор ќе биде пробиен. Денеска тандемот Џонсон-Лајен во нов обид за решение во Брисел. Велика Британија ја напушти Унијата на 31 јануари, но до крајот на годинава мора да ги следи правилата блокот.

Лидерите на Обединетото Кралство и на Европската комисија, премиерот Борис Џонсон и претседателката Урсула фон дер Лајен вечер на средба во Брисел во нов обид да ги разрешат спорните точки за Брегзит. Преговарачките тимови и натаму песимисти за постигнување трговски договор во рамките на зададениот рок кој истекува на крајот на годинава. Риболовот, праведната конкуренција и решавањето на идните спорови се прашањата за кои треба да ги усогласат ставовите.
„Во овој момент, повеќе од кога било, Брегзит е училиште за трпение, универзитет за трпение“, изјави Мишел Барние, главен преговарач за Брегзит од ЕУ.
„Во моментов, шансите се мали. Ние ќе направиме сè што можеме. Најважно е тоа што на први јануари, што и да се случи, ќе биде ново, луѓето треба да се подготват за таа промена“, изјави Борис Џонсон, премиер на Обединетото Кралство.
Во меѓувреме, во одделни разговори, двете страни успеаја да решат еден горлив проблем во процесот за разделба – статусот на Северна Ирска и трговијата до и од овој дел, во случај на сценарио со или без договор за Брегзит. Лондон вети дека ќе ги повлече контроверзните клаузули за внатрешниот пазар, со што се елиминира можноста од нови трговски тарифи.
„Сега веќе не постојат тие опасности. Сега сме во посилна позиција и можеме да кажеме дека Северна Ирска е безбедна во Обединетото Кралство. Загарантирани се и сите придобивки од последните 22 години“, изјави Мајкл Гоув, министер за Брегзит.
„Се надевам дека ќе се создаде позитивен момент и за дискусиите за договорот за слободна трговија. Меѓутоа, знаете дека и натаму постојат големи разлики, ние не го криеме тоа од никого“, изјави Марош Шефчовиќ, потпретседател на ЕК.
Според ЕУ, преговорите за идните односи меѓу двете страни може да продолжат и по крајот на годинава. Германската канцеларка Ангела Меркел е за договор, но не по секоја цена.
„Една работа мора да е јасна - мора да се зачува интегритетот на единствениот пазар. Мора да имаме праведна конкуренција, не само денес, туку и утре, и задутре, а за сето ова мора да имаме договори за начинот на кој ќе реагираме доколку другите го менуваат своето законодавство“, изјави германската канцеларка Ангела Меркел.
Лондон и Брисел се надеваат на организиран Брегзит за да се избегне економски хаос на двете страни од Ла Манш.
Во случај на сценарио без договор ќе се воведат тарифи и други бариери штетни за секој играч. Поголемиот дел од експертите прогнозираат посилен удар за Обединетото Кралство бидејќи речиси 50% од британската трговија се одвива со блокот.
Маја С. Филдишев
