Ракомет – СЕХА лига

Вардар – Загреб во полуфиналето на СЕХА лигата

16.03.2014 10:13

Црвено - црните во „Кале“ во последниот дуел во лигашкиот дел од регионалната конкуренција славеа со 33:24...

Ракометарите на Вардар не ги чекаа резултатите од другите напревари, туку го победија и го избраа Загреб за полуфинален противник во СЕХА лигата. Црвено - црните во „Кале“ во последниот дуел во лигашкиот дел од регионалната конкуренција славеа со 33:24.

До најубедливата победа во 13-те меѓусебни пресметки, вардарци дојдоа благодарение на двете серии од по 4:1 во финишот на првото и на почетокот на второто полувреме. Ако во стартните 30 минути се играше без одбрани, Вардар во вториот дел ја зацрвсти дефанзивата, прими само пет гола за 20 минути и затоа побегна на дури 11 разлика во 52-та минута, 28:17.

Иако без најдобриот играч и стрелец Дибиров кој тренерот Раул Гонзалез го поштеди и го сочува, ракометарите на Вардар сериозно пристапија на дуелот којшто речиси ништо не можеше да промени затоа што и двете екипи претходно безбедија учество на завршниот турнир во Нови Сад. И Загреб беше ослабен без шестмина ракометари, меѓу нив и првиот голгетер Хорват, но и да беше комплетен хрватскиот првак не ќе можеше да му се спротивстави на расположениот Вардар.

Црвено – црните одигра квалитетен дуел особено во вториот дел којшто треба да биде модел на кој начин нашиот треба да му се спротивстваи на европскиот шампион Хамбург во првиот меч од осминафиналето на елитната лига што ќе се одигра  в сабота во Скопје. Голманите имаа по добро полувреме, па Малумбрес реализираше 9, а Милиќ 8 интервенции. Најефикасен со шест гола беше Карачиќ, по пет постигнаа Брумен, Душебаев и Марковиќ. Прв стрелец кај Загреб со 6 погодоци беше Степанчиќ.

Со триумфот, Вардар го обезбеди третото место со 37 бода колку што може да собере и Брест Мешков доколку го совлада Партизан, но и во таков случај Белорусите ќе останат четврти затоа што се послаби во меѓусебните дуели. Загреб е дефинитивно втор со 40 бода, а Татран кој засега има 42 без разлика на резултатот од пресметката со Партизан како првопласиран ќе игра против Брест Мешков во полуфиналето на „фајнл – фор“ турниот од 11-ти до 13-ти април.