Нацрт-резолуцијата на ЕП за Македонија утре предмет на дебата во Комисијата за надворешни работи
Нацрт-резолуцијата на Европскиот парламент за нашата земја утре ќе биде предмет на дебата во Комисијата за надворешни работи, состанок кој ќе се одржи преку видео- конференција и на кој е поканет и министерот за надворешни работи Бујар Османи. Известувачот и предлагачот во Европскиот парламент, Илхан Ќучук изразува жалење за ќорсокакот во кој се најдоа Софија и Скопје, откако Бугарија одби да даде поддршка за почнување преговори за членство во ЕУ и одржување на првата меѓувладина конференција...

Состанокот на комисијата за надворешни работи на ЕП на кој ќе се разгледува извештајот и нацрт-резолуцијата за напредокот на Северна Македонија се случува во моментот, кога ветото на Бугарија за почетокот на преговорите извесно.
Во нацрт-резолуцијата се изразува жалење што Бугарија и Македонија се уште на пронашле компромис за прашањата поврзани за историјата и јазикот, со надеж дека ќе бидат наскоро решени за да не се загрози динамиката на за интеграција. Притоа се бара одржување, без одлагање, на првата Меѓувладина конференција која ќе го означи почетокот на преговорите за членство, напиша европратеникот Ќучук во својата предлог резолуција. Тоа што е необично е дека во резолуцијата е вметнато дека постојат дискусии за јазикот, за нешто за што не се преговара.
Позицијата на на најголемиот број на европратеници е јасна, а тоа беше потврдено и од говорницата на ЕП.
„Потребно брзо отворање на преговорите со Северна Македонија, како што беше ветено одамна. Како и да се побара од Бугарија да стави крај на нејзините пречки, за да почнат преговорите и да се побара од претседателството со Советот да го засили притисокот врз Бугарија“, вели германската европратеничка од редовите на Зелените Тинеке Стрик.
По дебатата помеѓу членовите на комисијата за надворешни работи, на која е поканет и министерот Бујар Османи, европратениците ќе имаат до 16 декември да поднесат амандмани на истата.
Се очекува до тогаш да бидат поднесени барања за измени во сите области, не се исклучува можноста дека парламентарните групи или група на европратеници ќе побараат поостар речник во однос на отпочнувањето на преговорите со ЕУ како и во однос на немешање на билатералните спорови во ЕУ интегративниот процес. Но, исто така и амандмани од страна на некои бугарски европратеници кои од 2012 година па наваму се повеќе од воздржани кон интеграцијата на Македонија.
Што се однесува до реформскиот дел, предлог текстот на известувачот потсетува дека треба да продолжи заложбата за интеграција во ЕУ, демократска консолидација, борба против корупција, владеење на правото и подобрување на климата за медиумите и граѓанското општество.
Европскиот Парламент го призна, напредокот, тие знаат дека разочарувањето во земјата е големо, но Северна Македонија мора да продолжи патот на реформите, бидејќи тие се прават за подобар живот на граѓаните, а не поради Европската Унија.
Тони Гламчевски
