Средба Бучковски- Захариева

Софија и Скопје остануваат посветени на Договорот за добрососедство

09.12.2020 15:48

Софија е подготвена да ги продолжи разговорите со Скопје за спорните прашања и повикува на ставање крај на употребата на историската комисија за политички цели, изјави министерката Захариева по средбата со специјалниот претставник на македонската влада Бучковски, кој на прес-конференцијата порача дека не можеме да ја промениме историјата, но можеме иднината...

Заедничката историја не можеме да ја смениме, ниту јас, ниту Захариева - но можеме да работиме на подобрување на инфраструктурата, рече специјалниот претставник на македонската влада за односите со Бугарија, Владо Бучковски на заедничката прес-конференција со тамошната шефица на дипломатијата. И двете страни тврдат дека остануваат посветени на имплементацијата на Договорот за добрососедство, но и на враќање на довербата, која признаваат дека е нарушена.

„Време е повеќе да се фалиме со сработеното, со дела, отколку со празни зборови. Заедничката историја не можеме да ја промениме ниту јас, ниту г-ѓа Захариева, но можеме да ги промениме работите во делот на инфраструктурата, заедничките капитални проекти, посилната соработка во образованието, науката, културата, посилната соработка во правец на зближување на двата народа“, изјави Бучковски.

Тезите дека сме ставиле вето или дека го оспоруваме правото на самоопределување не се точни и не помагаат за градење доверба меѓу двата народа – вели Захариева. Според неа, вето нема, а Бугарија не ја одобрила преговарачката рамка за пристапните преговори на Мекедонија со Европската унија, бидејќи не бил исполнет Договорот за пријателство од 2017 година. Софија обвинува дека кај нас има антибугарска кампања.

„Нема сомнение дека се наоѓаме во деликатен период. И двете стани имаме разочарување дека не беше одобрена проговарачката рамка. Тоа е така не затоа што Бугарија ставила вето на Македонија, туку затоа што не е исполнет договорот за пријателство од 2017-та, за што ги алармиравме нашите соседи“, изјави шефицата на бугарската дипломатија, Захариева.

Во агендата на специјалниот претставник на македонската влада за решавање на спорот со Бугарија - средби со претседателот Румен Радев, премиерот Бојко Борисов и со вицепремиерот Красимир Каракачанов.

Андријана Атанасовска