Политика

Заев: Остануваме посветени на решение без оспорување на македонскиот идентитет

09.12.2020 16:59

Бугарија го прекрши Договорот за добрососедство, однесувањето не е согласно со европските вредности, ставот е целосно навредлив за Македонците- обраќање на премиерот Заев по ветото од Софија за почеток на преговори со Унијата. Порача дека како влада, не дозволиле да се чепка во столбовите на нашиот идентитет. Сѐ уште верува дека е можно да се стигне до решение...

Бугарија стави вето, го прекрши Договорот за добрососедство и пријателство и со тоа застана на патот на нашата европска интеграција. Софија не собра сила да се однесува европски. Дозволи, да испорача гест кој не покажува ни пријателство, ни братство – вели македонскиот премиер Зоран Заев во своето видео обраќање до граѓаните. Застанавме цврсто во одбрана на македонските национални интереси. Не дозволивме да се чепка во достоинството на македонскиот идентитет и во столбовите на идентитетот, а тоа се македонскиот народ и македонскиот јазик- порача Заев.

Станува збор за неодговорна и тешка геостратешка грешка. И добро е што нашите меѓународни пријатели и сојузници не ја премолчуваат оваа грешка – потенцира Заев, притоа заблагодарувајќи се на останатите земји членки на Унијата, но испорачувајќи и барање.

Нема да дозволиме Бугарија да печали политички поени на македонското прашање, вели Заев и заклучува оти ветото од соседот нема да предизвика застој во реформите, туку напротив ќе предизвика засилено темпо.

 

Миле Ристески