ЗДРАВЈЕ

Физичката неподготвеност може да влијае на менталното здравје

09.12.2020 13:02

Резултатите од новата студија на британски научници објавена во списанието BMC Medicine јасно укажуваат дека ниската кардиореспираторна способност и слабата мускулна сила се поврзани со посиромашно ментално здравје и дека кај поединци тие можат да влијаат на развојот на симптомите на депресија или анксиозност.

Анализата на студија спроведена на повеќе од 150 000 учесници покажа дека кардиореспираторната кондиција и мускулната сила одделно придонесуваат за зголемен ризик од посиромашно ментално здравје.

Во периодот од август 2009 година до декември 2010 година, научниците ја измерија физичката подготвеност на скоро 153 000 лица на возраст од 40 до 69 години. Тие го следеа срцевиот ритам пред, за време и по шестминутно вежбање со максимален интензитет на стационарен велосипед.

Тие исто така ја измерија силата на зафатот, што беше користено во студијата како индикатор за силата на мускулите.

Учесниците, исто така, пополнија два стандардни клинички прашалници за депресија и анксиозност за да им дадат на научниците увид во нивното ментално здравје. Седум години подоцна, тие повторно ги пополнија истите прашалници.

Откако разгледале други фактори, како што се возраста, полот, претходните ментални проблеми, пушењето, нивото на приход, образованието и исхраната, истражувачите заклучиле дека дури и по седум години, постои јасна врска помеѓу почетната физичка подготвеност на учесниците и нивното ментално здравје.

Меѓу учесниците во студијата со мала кардиореспираторна способност и послаба мускулна сила, забележани се 98 проценти поголеми шанси за развој на симптоми на депресија и 60 проценти поголеми шанси за развој на симптоми на анксиозност.

"Обезбедивме дополнителни докази за односот помеѓу физичкото и менталното здравје. Структурните вежби дизајнирани да подобруваат различни видови на физичка подготвеност се добри и за физичката и за менталната сила", рече Арон Кандола, психијатар на Универзитетот во Лондон и главен автор на студијата.

"Постојат загрижувачки извештаи дека луѓето повеќе не се активни како порано за време на пандемијата. Фактот дека многу спортски сали се затворени е особено загрижувачки. Физичката активност е важен дел од нашите животи и може да игра клучна улога во спречувањето на менталните нарушувања", рече тој. .

Охрабрувачки е што физичката подготвеност може да се подобри релативно брзо - за само три недели. Ова може да го намали ризикот од вообичаени ментални проблеми за 32,5 проценти.

Дијана Гогова Атанасова