Тетово

Нема доволно вакцини против сезонски грип

09.12.2020 17:13

Нема доволно вакцини против сезонски грип за хронично болните и за постарите лица, велат матичните лекари во Тетово. Се жалат дека не можат да закажат термин, а во просек неделно имаат барања од стотина пациенти за имунизација...

Во Здравствениот дом во Тетово, денеска немаше ниту еден термин за вакцинација против сезонскиот грип. Матичните лекари велат дека термините за имунизација исчезнуваат за неколку секунди. На дневна основа едвај успеваат само на неколку пациенти да им закажат вакцинација.

Координаторката на матичните лекари во Тетово, д-р Светлана Трифуновска, вели дека годинава е зголемен интересот за примање на вакцина, која ја нема во доволни количини. Во просек на неделно ниво само кај еден матичен лекар над 100 пациенти бараат имунизација, но услугата ја добиваат петнаесетина.

Од Здравствениот дом Тетово велат дека очекуваат во секој момент да пристигнат нови вакцини, а со тоа и зголемен број на термини.И додека се чека оваа пратка, комерцијалните вакцини воопшто ги нема.

Д-р Трифуновска истакна дека доколку започне имунизација и во Центарот за јавно здравје, каде се примаат комерцијалните вакцини, значително ќе се растерети работата на матичните лекари, кои ќе можат да им посветат повеќе време на ковид пациентите.

Досега во Тетово се испратени околу 700 вакцини против сезонски грип, за разлика од лани кого до овој период имаше над 4.000. 

 

Зоран Димовски