Корона- кризата ќе ги уништи старите занаети
Занаетчиството е една од најпогодените гранки од коронакризата. На некои им се заканува дури и изчезнување. Од Занаетчиската комора потврдуваат за лошата состојба во оваа дејност. Според нив, мерките за помош од државата, засега се единственото нешто што ги држи во живот, но реагираат дека доцни финансиската помош за плата за октомври...

Кризата од коронавирусот се заканува да ги уништи и така минимално застапените стари занаети. Занаетчиските дуќани во Куманово кое некогаш било препознатливо по старите занаети, денес може да се избројат на рака. Дека состојбата со вирусот предизвика уште подлабока криза раскажува 65-годишниот ковач, Исмет Исмаиловски. Овој кумановец кој од 10-годишна возраст започнал да се занимава со занаетчиството, не помни ваква кризна состојба.
„Порано имаше работа многу затоа и школа не завршивме не не пуштија старите, имаше многу работа, пак имаше но еве сега се прекина работата. Луѓето не одат никаде, се плашат, и затоа слабо доаѓаат, производство не правиме, оти не се троши“, изјави Исмет Исмаиловски, ковач од Куманово.
Од занаетчиската комора потврдуваат дека коронакризата предизвика големи последици врз оваа дејност. Според нив доколку запрат мерките за помош од државата, бројни занаетчии ќе ги затворат своите дуќани. Реагираат и дека доцни финансиската помош за плата за октомври. Велат оваа мерка засега е единственото нешто што ги држи занаетчиите во живот.
„Почнувајќи од фризери, козметичари, да не ги спомнувам златарите, посебно во криза се старите занаети. Има занаетчиства кои се поврзани тесно со свечените настани, една година да не работи еден занаетчија, нема сведби, крштевки, родендени, венчавки, во тотална криза сме“, вели Агрон Фазлии, претседател на занаетчиска комора.
Од комората укажуваат дека е неопходно продолжување на мерките до март наредната година. Посочуваат дека во иднина планираат да бараат субвенции за старите занаети.
Елена Георгиевска
