Скопје со нонпејпер до Софија за решавање на меѓусебните недоразбирања
Во Софија средба Борисов- Бучковски. „Сегашните и идните генерации нема да ни простат ако не најдеме компромис што ќе даде перспектива“ - изјави бугарскиот премиер. Вели дека бара гаранции за суверенитетот и малцинството. Специјалниот претставник на земјава вели - немаме територијални претензии, не се мешаме во внатрешни работи. Останува оптимизмот за решение и за продолжување на дијалогот...
Скопје со нонпејпер до Софија за решавање на меѓусебните недоразбирања. На бугарскиот премиер Борисов му го предаде специјалниот претставник Бучковски, потенцирајќи дека Владата има искрени намени за наоѓање решенија со Бугарија. Бучковски смета дека е време од зборови да се премине на дела. Северна Македонија е суверена држава и сама решава на кој јазик сака да зборува, порака од бугарскиот премиер Борисов. Шефот на бугарската влада додаде дека неговата земја прави сè земјите од Западен Балкан да станат членки на Европската Унија
„Северна Македонија е суверена држава и сама може да решава на каков јазик сака да зборува. Ние во Бугарија сме решиле да зборуваме бугарски јазик и така зборуваме. Во Северна Македонија може да решите како сакате да зборувате и никој не може да ви наложи и да ви наметне на кој јазик да зборувате. Никој не го барал тоа од вас, особено јас. Две теми ги уплашија нашите граѓани, а тоа е суверенитетот на Бугарија и малцинството. Овие прашања да ги пренесеш на премиерот Заев и на претседателот Пендаровски. Следните поколенија нема да ни простат ако сега не им дадеме перспектива“, изјави бугарскиот премиер Борисов.
Со нашето уставно име не значи дека имаме територијални претензии и се мешаме во вашите внатрешни работи, истакна Бучковски. Тоа е дел од Договорот за пријателство и тоа ќе го почитуваме. Да ги оставиме историчарите да ја работат нивната работа- порака од владиниот специјален претставник.
„Скратеното име на Република Северна Македонија е Северна Македонија и тоа не значи територијални претензии кон Бугарија и за тоа имаме нонпејпер кој ќе и го дадеме на вашата влада. Второ, немешањето во вашите внатрешни работи дел од Договорот за соработка и ние тоа искрено го почитуваме“, изјави Бучковски.
Предходно Бучковски во Софија имаше средба со министерката за надворешни работи Захариева, а се најавени средби и со претседателот Радев и вицепремиерот и министер за одбрана Каракачанов.
Милчо Велески
