ЕКОЛОГИЈА

10 нови шуми во Англија во наредните 5 месеци

10.12.2020 10:58

Потег на Англија чија цел е заштита на животната средина. Британската влада соопшти дека ќе засади 10 нови шуми во наредните 5 месеци. Фондот за засадување 500 хектари шума е 12,1 милиони фунти, а шумите ќе се протегаат од Јоркшир до Сомерсет.

Од одделот за животна средина, храна и рурални работи се надеваат дека дрвјата на крајот ќе складираат 100.000 тони јаглерод диоксид, што е еквивалентно на повеќе од 45.000 трансатлантски летови 

Имено, станува збор за  една од низата мерки насочени кон исполнување на заложбите на Владата за зголемување на засадувањето дрвја на 30.000 хектари годишно до 2025 година. Меѓудругото проектот ќе помогне да се намали ризикот од поплави, да се зајакне биодиверзитетот и да се зголеми пристапот на луѓето до шума и зелен простор, исто така се очекува и зголемување на  работните места во секторот шумарство и животна средина.Инаку , парите се обезбедени од фондот „Природа за климата“ на британската влада, објавен во март.

Министерот за шумарство Лорд Голдсмит изјави дека преку оваа нова возбудлива програма повеќе заедници, особено оние во урбаните средини, ќе имаат пристап до природата, со вистински придобивки за здравјето и благосостојбата.

Дрвјата се 'рбетот на нашите урбани и рурални средини и тие се неопходни во справувањето со климатските вонредни состојби. Оваа витална програма ќе засади дрвја онаму каде што се најпотребни: за спречување на поплави и напредување на природата во одредени места - додаде тој.

Дијана Гогова Атанасова