Пандемија

Заштита на имунитетот, но да не се претерува

11.12.2020 12:31

Во битката со корона вирусот најбитен е имунитетот. Стравот ги мотивира граѓаните да го штитат имунитетот, но и да претераат. Се чита ,се купува и се применува и повеќе отколку што треба. Граѓаните се главно за природна заштита, а лекарите за контролирана употреба затоа што неконтролираното земање препарати е штетно за здравјето...

Минерали, витамини Ц и Д, цинк, селен, мед, прополис, чаеви.  Граѓаните максимално се обидуваат да се заштитат од корона вирусот, да го зајакнат имунитетот. Граѓаните се категорични - многу е битно „битката“ да се води со природните продукти и состојки.

Стравот лозје чува вели старата поговорка, ама може и да доведе до претерување.  Сѐ што ќе се прочита или чуе, мора да се примени. Во аптеките, велат - се купува сѐ што треба и не треба. Заборавениот витамин Д едноставно воскресна.

„Граѓаните дури и на своја рака сакаат да купат антибиотици, но ние сме тука да ги спречиме. Д витаминот воопшто, беше заборавен“, вели Ане Јанеска, фармацевт.

Граѓаните сфаќаат дека се претерува за заштитата на имунитетот. Стравот преовладува, ама скапа е и природната заштита.

За корона вирусот нема лек. Ама, одредени студии препорачуваат витамини и минерали. Но, потребни се контролата, и непретерувањето, велат матичните лекари.

„Треба да се применуваат на краток рок, а не постојано, бидејќи може да има и контра ефект“, вели Нора Тасеска, матичен лекар.

Заштитата на имунитетот е пресудна, ама, прво, консултација со лекар.

Елизабета Митреска