Лондон и Брисел со сè помал оптимизам за трговски договор
Лондон и Брисел со сè помал оптимизам околу постигнувањето трговски договор по Брегзит. Главни спорни точки остануваат риболовот и праведната конкуренција...

По серија неуспешни обиди за усогласување на ставовите, Лондон и Брисел со сè помал оптимизам околу постигнување трговски договор по Брегзит. Риболовот и праведната конкуренција се главните спорни точки за кои се водат маратонски преговори на двете страни од Ла Манш. За британскиот премиер Борис Џонсон, сегашниот договор ја заробувал неговата земја во, како што вели, „европската регулаторна орбита“.
„Ја вратија на маса идејата за ова изедначување меѓу Британија и Унијата, што во основа значи дека ние ќе мораме да ги следиме сите нивни нови закони за да не бидеме казнети, санкционирани или слично. Како да сме близнаци. Ако ЕУ одлучи да се потстрижи, ќе мораме и ние. Ако Унијата реши да купи скапа чанта, ќе мораме и ние. Ова не е разумен начин да продолжиме“, изјави премиерот Борис Џонсон.
Во меѓувреме, Британија потпиша договор за слободна трговија со Сингапур вреден 17,6 милијарди фунти, што е последен во серијата трговски пактови кои Лондон сака да ги обезбеди во ерата по Брегзит. Слична спогодба се очекува и со Виетнам. Сингапур е најголемиот трговски партнер на Британија во југоисточна Азија. До 31 декември, Лондон останува во економските структури на Унијата.
„Обедиентото Кралство се враќа како независна трговска нација, слободни сме да се вклучиме во оваа кампања. Ова е важен дел од нашата визија за глобална Британија која е во центарот на мрежата зделки со прогресивните нации во Пацификот и двете Америки“, вели Лиз Трас, британска министерка за меѓународна трговија.
По Брегзит, Франција најавува виза за Британците кои планираат престој подолг од три месеци.
„Од први јануари, Обединетото Кралство, кое не е дел од Шенген зоната, излегува и од Европската унија. За посетите покуси од три месеци, нема да има дополнителни барања, ниту виза. Подолгиот престој е загарантиран за европските државјани, но не и за оние што не се државјани на Унијата. За ова преговараат Мишел Барние и британските тимови“, изјави Клемент Буон, министер за европски прашања, Франција.
Европската унија се подготвува за сценариото без договор. Плановите треба да гарантираат непречено движење по воздушните и копнените коридори, како и можноста за риболов во водите на двете страни во рок од една година или додека не биде склучен договор. Преодниот период истекува на 31 декември. Потоа се активираат правилата на Светската трговска организација.
Маја С. Филдишев
