Ѓоковиќ-Федерер, 33.епизода
Новак Ѓоковиќ и Роџер Федерер ќе се судрат вечер во финалето во Индијан Велс, првиот турнир од годинашнава тениска Мастерс 1000 серија...

Србинот бргу добива шанса да се одмазди за февруарскиот пораз во полуфиналето во Дубаи и да ја освои првата титула во 2014, којашто би му била трета во Калифорнија, по оние во 2008 и во 2011. Во 32-та меѓусебни меча досега, Швајцарецот води со 17-15 во победи.
Вториот носител Ѓоковиќ имаше многу потешка полуфинална задача, бидејќи мораше да го преживее соочувањето со Џон Изнер, од кого загуби во истата оваа фаза на турнирот пред две години. Шестипат во седмиот меѓусебен дуел се играа три сета. Ѓоковиќ го доби првиот со 7-5, откако двапати се спасуваше од пораз Изнер се избори за тај-брејк во вториот, којшто го освои убедливо, но потоа немаше сили да му пркоси на Србинот и во последниот. Во него Ѓоковиќ му препушти само еден гем, со што го продолжи чекорот кон 17-от пехар на Мастерс 1000 турнирите.
„Кога и да играме еден против друг, тоа е голем предизвик за двајцата и многу малку поени можат да го решат победникот. Не очекувам да биде поинаку и овој пат. Само се надевам дека ќе одиграм на високо ниво, бидејќи само така ќе можам да го победам“, изјави Ѓоковиќ по пласманот во финалето, пред новата пресметка со големиот конкурент во последниве 7-8 години.
Претходно, во полуфиналето Роџер Федерер ја прекина победоносната низа на Александар Долгополов во Индијан Велс, дозволувајќи му на Украинецот да освои само четири гема во мечот. На свој сервис беше неприкосновен, ретко се соочуваше со вистински отпор и со три брејка го реши дуелот, продолжувајќи ја серијата на вкупно 11 победи. Швајцарецот се уште нема загубено сет на овој турнир. За 79-та турнирска победа во кариерата ќе мора да го добие Ѓоковиќ. Пред триумфот во Дубаи минатиот месец, победа над него немаше уште од Мастерсот во Синсинати во 2012.
„Отсекогаш сме имале големи мечеви. И овој пат знаеме што да очекуваме еден од друг, особено што неодамна игравме во Дубаи, а се сретнавме и во Париз и во Лондон кон крајот на минатата сезона. Новак е посвеж бидејќи досега не играше на многу турнири сезонава. Навистина ќе сака да го освои и тоа ќе биде предизвик којшто ќе морам да го прифатам и да се борам за успех“, рече Федерер.
Финалниот меч на турнирот во Индијан Велс Федерер-Ѓоковиќ почнува од 22 часот по средноевропско време. Тогаш е и преносот на Собранискиот Сервис на МРТ.