Захариева: Добрососедството мора да стане дел од Преговарачката рамка
Добрососедството мора да стане дел од Преговарачката рамка затоа што тоа е најсилна гаранција за Бугарија дека потпишаните документи ќе се исполнат, најави вицепремиерката Захариева во обраќањето во тамошниот парламент. Таа тврди дека Софија сѐ почитува, но Скопје избегнува исполнување на потпишаниот договор. Токму заради смирување на страстите, вчера македонската влада достави до Софија нон- пејпер, со јасно укажување дека земјава нема територијални претензии кон Бугарија...

„Добрососедството мора да стане дел од Преговарачката рамка затоа што тоа се најсилните гаранции за Бугарија дека потпишаните документи ќе се исполнат, а тоа ќе биде надгледувано во текот на целиот процес, каде има јасни критериуми“ – бугарската вицепрмеиерка и министерка Захариева од Собранието во Софија со порака до Скопје – без вклучување на гаранциите во рамката нема да кажат „да“ за нашата евроинтеграција.
Тоа, вели Захариева, не е преседан, повикувајќи се на хрватскиот пример. Таа тврди дека Бугарија сѐ почитува, но Македонија го избегнува исполнувањето на потпишаниот договор, манифестира антибугарска хистерија, доцни со инфраструктурните проекти на Коридорот 8. Захариева им препорача на македонските политичари да бидат попрагматични, а да има помалку емоции.
„Во договорот има неисполнување во делот на јазикот на омразата. Тој е виден и тоа не е само од сега. Има забавено исполнување на инфраструктурните проекти, особено во Коридорот 8“, нагласи Захариева.
Откако Северна Македонија го доби ветото од источниот сосед за почеток на предпристапните преговори, официјално Скопје токму за смирување на страстите, до Бугарија достави и владин нон- пејпер во кој јасно се укажува дека земјава нема територијални претензии кон Бугарија. И додека бугарските членови на историската комисија инсистираат во записниците да ја нема придавката македонски, бугарските власти велат дека Северна Македонија треба да се откаже од македонското малцинство во нивната земја.
Миле Ристески
