Почна изборниот процес во Штип, први гласаат лицата во изолација

11.12.2020 15:10

Почна изборниот процес во Општина Штип. Први избирачкото право го остварија 12 лица во изолација и позитивни на Ковид- 19. Во Штип гласањето го реализираат два посебни избирачки одбори со медицински лица. Граѓаните на Штип на овие избори треба да одберат еден од петмината кандидати за градоначалник.

Со примена на протоколот за заштита од Ковид- 19, почна гласањето за избор на нов градоначалник на Општина Штип. Први гласаа ковид позитивните и лицата во изолација. Два специјални избирачки одбори со лекари и медицински лица ги посетија граѓаните во нивните домови.

Пред секое влегување кај гласачите протоколот налага целосна заштита на членовите на избирачкиот одбор со скафандери, маски, гумени ракавици и средства за дезинфекција.

Ванче Берков, претседател на медицинскиот избирачки одбор е рентгенолошки технолог, вели дека не чувствува опасност бидејќи со целосна заштита е секојдневно и на работното место.

Од Општинската изборна комисија сметаат дека слабиот интерес за гласање од страна на ковид позитивните и лицата во изолација денес се должи на тоа што голем дел од овие лица деновиве добиле негативен тест, изолацијата им завршува и правото на глас ќе можат да го остварат в недела.

Утре ќе гласаат 66 болни и немоќни лица и 67 штипски осуденици во петте казнено-поправни домови во земјата.

Славица Величковска