ИКТ индустријата има потреба од квалификувана работна сила
Индустријата за информатичко-комуникациски технологии бележи стабилен раст во изминатите години и станува се поважен работодавец во регионот. Бележи тренд на зголемени извозни активности и е со важен придонес кон БДП, покажува анализата на состојбата со работната сила во ИКТ секторот...

ИКТ индустријата има најголем потенцијал но, потребна ѝ е квалификувана работна сила. Според директорката на МАСИТ, Никова, потребно е да се фокусираме како во национални, така и во регионални рамки.
„Градењето мерки за задржување на кадрите треба да е системско и од интерес за целата држава. Само на тој начин ќе овозможиме бизнис клима во склоп на која најнапредните кадри ќе останат и ќе сакаат да ја градат својата иднина тука“, изјави Анита Никова, извршен директор на МАСИТ.
Според анкетата, ИКТ компаниите сметаат дека има дефицит на добро обучени искусни инженери. Според нив подготвеноста за работа на младите инженери зависи од нивото на практична работа што ја имале претходно.
„ИКТ компаниите и во минатото поддржуваа практична работа и се подготвени да ја продолжат поддршката и во иднина, под услов да постојат соодветни владини политики и стимулации“, вели Благоја Милошевски, консултант.
ИКТ индустријата брзо одговори на промените со заложбата за забрзување на процесот на дигитална трансформација во екот на пандемијата со Ковид-19, истакна директорот на проектот Димовски. Според него, целта на оваа анализа е препознавање и анализирање на индивидуални практики од регионот.
Анкетата за проценка на работната сила беше спроведена онлајн во октомври со 1.305 компании од вкупно пет сектори, од кои 134 компании се од ИКТ секторот во Северна Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Србија и Косово.
Ана Јосифоска- Тодоровска
