МРТ ексклузивно во јадрото на медицината на САД

16.03.2014 12:38

По избивањето на некоја болест во светот, се активираат алармот и во американските Национални Институти за здравје. Откритијата од овие институти за здравје се достапни на сите болници и лаборатории во странство. Македонската телевизија имаше ексклузивно право да го посети овој истражувачки комплекс во Мериленд...

18.000 научници во 75 центри работат во американските Национални Институти за здравје во Бетезда, Мериленд на откривање на вакцини, лекување на рак, леукемија, инфлуенца и ретки болести што се смртносни. Оваа владина институција формирана уште пред Втората Светска Војна е јадрото на медицината во Соединетите Американски држави. Превенцијата на болестите се приоритет на институтите како Истражувачкиот Центар за вакцини.

„Имаше проба на вакцина против СИДА во Тајланд, што беше ефективна во 30 проценти од случаите. Ова не е доволно за широка употреба на вакцината, но можеме да работиме на оваа основа. Сега знаеме како работи вакцината и како може да ја подобриме, но потребни се неколку години да се направи вакцина против СИДА“, вали д-р Џон Маскола - Директор на Истражувачкиот институт за вакцини.

Најсовремените лаборатории за сите можни вируси и бактерии се наоѓаат овде во Националните Институти за здравје. Од Шпанската треска во 1918-та, до Вариола Вера во 70-сетите, ебола, птичјиот и свинскиот грип во поново време, се чумите на модерниот свет, за кои овие научници бараат лек и заштита.

„Заразни болести од Азија со сигурност ќе дојдат и во Америка. Во 2009-та, инфлуенцата со вирусот Еиџ-еден-Ен-еден започна од Мексико и Калифорнија и се прошири на Далечниот Исток. За нас беше изненадување што вирусот почна на Западната Хемисфера“, објаснува д-р Ентони Фауци- Директор на Институтот за алергии и заразни болести.

Во рамките на Националните Институти за здравје постои и Клиничка Болница каде бесплатно се лекуваат пациенти од болести со најнови лекови. Американците доаѓаат во овие центри како последна надеж да се излекуваат од тешки болести. Овде нема пациенти од Македонија, но има од Кина, Германија, Италија, Норвешка, Романија и од Шпанија. Во болницата освен лекувањето со најнови експериментални лекови, се изучуваат болестите и се регистрираат ретките болести.

„ Рак на дојка не е само рак, туку е колекција на генетски мутации што предизвикуваат рак на дојка. Секој од мутациите е ретка болест. Ние им даваме надеж на овие пациенти, но поважно за мене е што овие ретки болести се експерименти на природата и преку нив можеме да ги разбереме и вообичаените болести“, изјави д-р Барни Грахам- Шеф на Клиничката Болница.

Во оваа болница постојат најнови инструменти за поставување на точна дијагноза. Се уште во експериментална фаза е дигиталната крвна слика, што најверојатно ќе стане пракса за неколку години. Во центарот постои и оддел за метаболизам кој треба да даде одговор како луѓето да слабеат. Најновото постигнување е излекување на 50 проценти од болните со рак на кожа со примена на лекување преку лимфните садови.

Националните Институти за здравје имаат годишен буџет од 30,1 милијарди долари.

 

Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ