Тетово

Презентирани техники за безбедно планинарење

13.12.2020 16:18

Без никаква подготовка, планинарски водичи, соодветна опрема, непознавање на теренот. Ова се најчестите грешки на планинарите рекреативци, кои се почесто во последно време ја користат планината и во зимски услови, кога знае да биде многу сурова. Светскиот ден на планината годинава беше одбележан на тетовското Кале каде искусни планинарски водичи презентираа безбедни техники и опрема во планинарењето.

Планинарските тури во зимски услови не треба да се организираат по секоја цена. Пред да се тргне мора да се провери времето, но и теренот дали има нова или стара снежна покривка, односно колку е патеката безбедна во случај на лавини.

Непочитување на овие основни правила, може да предизвикуваа сериозни несреќи како  изминативе неколку години, велат планинарските водичи кои Денот на планината, го одбележаа со едукативен настан поврзан со безбедноста на планинарските тури.

Планинарските друштва кои учествуваа на презентацијата, велат дека планината особено во зимски услови е сѐ повеќе посетена, но најчесто целта на граѓаните е само да стигнат, а не како безбедно да стигнат до врвот.

На Шар Планина последниве неколку години имаше повеќе несреќи со лавини, но за среќа не завршија трагично за планинарите.

 

Зоран Димовски