Пласница

Нов градоначалник за подобрување на животот

13.12.2020 16:29

Поисплатливо земјоделство и сточарство, поквалитетна вода за пиење, подобра иднина – надеж на жителите на Пласница кои денеска го избираа својот градоначалник. Велат дека човечки е да се очекува оти после секои избори животот треба да се промени...

Семајлија Арапоски е 70-годишен жител на Пласница. Цел живот се занимава со сточарство. Порано големите стада, сега се скромни. Посакува да има исплатливо сточаропроизводство. Дојде на гласање зашто, вели, неприкосновено е правото на избор.

Со околу 6.000 жители и со три села, две третини од населението живее во Пласница. Главни се земјоделството и сточарството. Водоснабдувањето е преку Студенчица и планинските извори. Го очекуваат дополнителниот зафат да се одвојат изворите зашто ја заматуваат водата.

Изборите за нов градоначалник, сметаат дека ќе им ја вратат надежта за подобар живот. Изборниот процес денеска се оценува како непречен и според протоколите.

Во пазувите на Поречието, Пласница и селата Двери, Лисичари и Преглово се во исчекувањето на сигурен и поквалитетен живот.

 

Елизабета Митреска