Избори во Штип и Пласница: Николов и Јаоски нови градоначалници
„Срцето на македонскиот исток останува во сигурни раце. Победи желбата да продолжи развојот на градот“ - лидерот на СДСМ Заев, прогласи победа во Штип. ВМРО-ДПМНЕ со оценка- денеска имаше мафијашки избори. Обвинија за притисоци, уцени и поткуп. Во Пласница победи канидидатот на ДУИ, Алија Јаоски...

Во Штип се пребројуваат, во Пласница пребројани резултатите од локалните избори. Според првичните резултати во Штип, во водство е кандидатот на СДСМ Сашко Николов, по него следува кандидатот на Интерга Симон Поликарп, независниот Трајчо Митев, Лазар Наумов од ТМРО и Гоце Ангелов од коалицијата „Иднината во наши раце“.
СДСМ прогласи победа во Штип. „Срцето на македонскиот исток останува во сигурни раце“- рече лидерот на СДСМ, Зоран Заев по завршувањето на предвремените локални избори. Според него, победила желбата за развој на градот наспроти блокадата што ја заговарало ВМРО-ДПМНЕ. Кандидатот за градоначалник на партијата Сашко Николов вети исполнување на ветувањата.
Во ВМРО-ДПМНЕ велат - во Штип имаше мафијашки избори. Според партијата, Заев среде корона организирал избори на сила само за да се спаси власта во Штип. Од опозициската партија обвинија за притисоци, уцени и поткуп.
Во Пласница пребројани гласовите во сите избирачки места. 85 проценти од гласовите освои канидидатот на ДУИ, Алија Јаоски, а 11 проценти Рамазан Шерифовски- кандидат од Движењето за национално единство на Турците.
Јаоски им се заблагодари на жителите на општината што масовно излегле на гласање и покрај епидемијата. Приоритет во неговиот мандат ќе биде подобрувањето на инфраструктурата и вработувањето за да се спречи иселувањето.
