Изложба „Сета љубов“ во МСУ со светски познати уметници

14.12.2020 10:46

Во рамки на изложбата со свои дела, уметнички инсталации и видеа, ќе се претстават 11 уметници од земјава и светски признаени автори, кои денес изложуваат во сите водечки уметнички центри низ светот како Тејт, Бобур, Гугенхајм, Мома Њујорк.

Од утре, па сѐ до февруари следната година, во Музејот на современата уметност – Скопје ќе биде отворена изложбата „Сета љубов (All the Love)“. Кураторки на поставката се Мира Гаќина и Јованка Попова.

Во рамки на изложбата со свои дела, уметнички инсталации и видеа, ќе се претстават 11 уметници од земјава и светски признаени автори, кои денес изложуваат во сите водечки уметнички центри низ светот како Тејт, Бобур, Гугенхајм, Мома Њујорк.

Ќе бидат претставени дела од Кети Чукров (Русија), Хедер Дјуи Хагборг (САД), Коко Фуско (Куба), Карлос Мота (Колумбија), Ширин Нешат (Иран), Агњешка Полска (Полска), Рена Редл и Владан Јеремиќ (Србија), Нора Турато (Хрватска) како и македонските уметници Велимир Жерновски и Никола Узуновски.

Изложбата „Сета љубов“ ги анализира состојбите на единство и солидарност во локалниот и глобалниот капиталистички контекст. Целта на изложбата е низ анализа на конкретни уметнички практики, да ги истражи етиката, естетиката и политиката на љубов како радикализам. Изложбата покренува прашања во врска со можните изводливи и позитивни алтернативи на дејствување од доменот на заедничкото, на теренот помеѓу политичкото и приватното, со нови видови организации, структури и заедници.

Поради специфичноста на изложените дела, кураторките сугерираат дека поставката е најдобро да се погледне меѓу 16 и 20 часот, освен недела кога музејот работи до 13 часот.

Поставката ќе се одвива според протоколите пропишани за организација на јавни настани во услови на пандемија.