Реални и еластични цени- фактори за успешен туризам во Охрид
Во туризмот нема ниска или висока цена, туку реална на понудата- велат дел од експертите. Други пак сметаат дека гостите често се манипулираат со лажни понуди. Ако се знае дека 20 насто од странските туристи по втор и по трет пат го посетуваат Охрид, значи дека се задоволни од хотелското сместување. Очигчедно, просекот го снижува приватниот сектор...

Задоволството од она што сме го добиле за парите е клучниот фактор дали во иднина повторно ќе ја посетиме истата туристичка дестинација.Проблемот на Охрид не се високите цени во текот на главната туристичка сезона,кога доаѓаат 60 проценти од гостите,туку останатиот дел од годината,вели проф.Д-Р Сашо Коруноски.Доколку цените не се еластични и остануваат на исто ниво преку целата година на туристите мора да им се нудат постојано нови содржини.
„Секогаш треба да имаме предвид колку тие платиле и што добиле за таа цена.Никогаш нема високи или ниски цени.Има цени на производи и услуги кои што заслужуваат да бидат купени и она што како содржина го добиле или она што не го добиле“, вели проф. д-р Сашо Коруноски, декан на Факултетот за туризам во Охрид.
Без исклучок секое лето дел од гостите имаат поплаки дека не го добиле она за што платиле.
„Лага е дека е охридска пастрмка, а му се нуди друга риба или дека се работи за охридски бисер, а не е оригинален. Лага со цените во хотелите, рестораните, на такви лаги мислам, во цените на квалитетот на собите, дека хотелите се со 4 или 5 ѕвездички или дека собата е со поглед на езеро“, смета Љупчо Јузмески, туристички водич.
Сепак најмногу од поплаките на туристите се на сметка на сместувањето во индивидуалните сместувачки капацитети. Во многу наврати се нуди квалитетно сместување, а реалноста е сосема поинаква. Иако е направена категоризација, сепак има големи разлики во квалитетот на сместувачките капацитети, што понекогаш доведува до разочарување кај посетителите.
Поради тоа општината и асоцијациите од овој сектор мора да пронајдат механизми за надминување на сегашните состојби бидејќи некоректноста на поединци им се припишуваат на агенциите и на Охрид.
Сашо Нелоски
