Сашко Николов нов градоначалник на Штип

14.12.2020 13:38

Со освоени 11.668 гласови Сашко Николов и официјално е победник на вонредните избори за градоначалник во Штип, објави Државната изборна комисија. Кандидатот на Интегра, Симон Поликарп доби поддршка од 1.198 гласачи, за кандидатот на ТМРО, Лазар Наумов, гласот го дале 284 лица. Евидентирани се 824 неважечки ливчиња. Николов ветува ефикасни мерки за справување со корона вирусот, опозицијата обвинува за нерегуларности...

Со 11.668 гласа Сашко Николов од СДСМ е новиот градоначалник на Штип. Штип за прв пат откако градоначалник бира на непосредни избори, избра кандидат во првиот круг. Николов има мандат од околу девет месеци, до наредните редовни локални избори идната година. Вети реализација на проектите за поквалитетен живот во Штип

Ова е пирова победа која штипјани скапо ќе ја платат со своето здравје, смета опозицијата од каде обвинија за бројни изборни нерегуларности.

СВР Штип постапува по единствениот пријавен случај на гласање на две ковид позитивни лица со решение за изолација, поднесена е пријава до Основното јавно обвинителство.

Споредено со последните парламентарни избори, кога коалицијата на СДСМ во Штип доби 10.141 глас, вчерашната победа на Николов со над 11 илјади гласа се смета за голем успех во СДСМ. Досега градоначалник од СДСМ со најголем легитимитет е Благој Бочварски, кој на редовните локални избори во 2017 година доби поддршка од над 15 илјади штипјани.

Славица Величковска