СЦЕНА

Европски филмски награди: Триумф на „Уште една рунда“ на Винтерберг

14.12.2020 13:43

Филмот на Томас Винтерберг „Уште една рунда“ триумфираше на 33-тото доделување на Европските филмски награди, освојувајќи награди во четири важни категории, на церемонијата што се одржа на Интернет.

Наградата за најдобар европски филм ја освои данско-шведско-холандска копродукција „Уште една рунда“, додека режисерот на овој филм, Томас Винтерберг, беше прогласен за најдобар европски режисер. Филмот ја доби и наградата за најдобро сценарио, поддржано од Винтерберг и Тобијас Линдхолм.

Ова е приказна за четворица пријатели кои работат како наставници во средно училиште, експериментирајќи со обиди да ги подобрат своите животи, одржувајќи постојано ниво на алкохол во крвта.

Пола Бир е прогласена за најдобра европска актерка за улогата во филмот „Undine “, кој беше прикажан и на овогодинешната Слободна зона. Наградата за најдобар европски актер ја доби Мадс Микелсен за „Уште една рунда“.

Наградата ЕФА за најдобар документарен филм беше доделена на филмот „Collective “ на романскиот режисер Александар Нанау.

Наградите беа доделени и во следните категории: наградата за најдобра комедија ја освои „The Big Hit - Un Triomphe “, за најдобар анимиран филм беше прогласен „Хосеп“, а „All Cats Are Grey in the Dark “ е прогласен за европски краток филм на годината.

Наградата за најдобри визуелни ефекти ја доби „Платформата“, додека „Мало девојче“, филм што беше прикажан на годинешната Слободна зона, ја освои наградата ЕФА за најдобар звук.

Европската филмска академија е основана во 1988 година и денес обединува над 3.800 европски филмски професионалци со заедничка цел да ја промовираат европската филмска култура. Годинешната награда, поради епидемијата КОВИД-19, беше реализирана преку Интернет во Берлин, а ЕФА ќе биде доделена во Рејкјавик, Исланд во 2022 година.

Дијана Гогова Атанасова