Училиште во Куманово стана државен центар за стручно образование
Средното стручно училиште „Киро Бурназ“ од Куманово е едно од трите регионални центри за стручно образование и обука во државава каде што заинтересираните ќе можат да се доквалификуваат, преквалификуваат или да извршат валидација на формалното и неформалното образование и да станат поконкурентни на пазарот на трудот.

Кумановското училиште „Киро Бурназ“ по одлука на Владата премина во државно средно училиште, односно регионален центар за стручно образование и обука за Североисточниот плански регион. Во центарот, заинтересираните ќе имаат можност за доквалификација, преквалификација или валидација на формалното и неформалното образование. По завршување на обуката лицата ќе добијат соодветен сертификат, и на тој начин ќе станат поконкурентни на пазарот на труд.
„Во момент кога некоја фирма ќе има потреба од одреден кадар ќе дојде ќе се обрати кај нас и ние ќе имаме можност да направиме скратена програма со скратена обука и за многу кратко време да добијат соодветен кадар кој што ќе им треба“, изјави Весна Трајковска, директор на училиштето „Киро Бурназ“.
Очекувањата се новиот центар да обезбеди поефикасно и поефективно образование и да продуцира квалитетен кадар. Можност да се едуцираат ќе имаат ученици, возрасни и наставници.
„Ќе имаме можност и за валидација, тоа значи дека ако некој веќе долго време работи некое занимање за кое нема завршено соодветно образование и документ, диплома, свидетелство, во нашиот Регионален центар ќе може да се изврши валидација на тоа веќе што тој го работи и потоа соодветно да си аплицира во фирма и да биде така платен“, вели Трајковска.
За оваа цел е планирана и целосна реконструкција на училиштето, но ќе се стави во употреба и Ученичкиот дом, кој не функционира од 2001 година. Училиштето ќе добие и современа опрема, не само за профилите за Регионален центар, туку и за сите останати за формалното образование.
Елена Георгиевска
