Мицкоски: Бугарското вето е поради исклучителната неспособност на Заев
По четири години лаги, јасно е дека имаме влада која не може да испорача европска иднина. Бугарското вето е поради исклучителната неспособност на Заев, оценка на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски за работата на извршната власт. Лидерот на опозициската партија најави неколку чекори, за како што рече, рушење на Владата. Првиот е интерпелација за вицепремиерот за евроинтеграции Димитров. Мицкоски нема да учествува на лидерска организирана од претседателот Пендаровски. ВМРО-ДПМНЕ ќе седне на маса со останатите партиски лидери само ако поканата дојде од владата...

Со бугарското вето, паднаа во вода лагите на власта дека Заев ќе обезбедел европска, достоинствена иднина, смета лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски. Побара информации што содржи понудата на Заев и неговиот „нон пејпер“ доставен од владиниот претставник Бучковски до бугарскиот премиер Борисов.
Нема никаква реакција од нашиот источен сосед дали е точно дека Софија лобирала за Преспанскиот договор или дали ова е флагрантно мешање во внатрешните работи на туѓа држава, рече Мицкоски. Според него, на маса е идентитетот, а историчари од Бугарија признаа дека се разговарало за придавката македонски.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ е подготвен да присуствува на лидерска средба, но не по иницијатива на претседателот Пендаровски. Најави неколку чекори за како што рече, рушење на власта. Првиот е интерпелација во Собранието за вицепремиерот за евроинтеграции Димитров.
100-те дена на Владата ги оцени како период на постојани загуби. Според Мицкоски, влеговме во економска рецесија, над 2 илјади наши сограѓани го загубија живот од пандемијата поради акутната неспособност во здравството.
ВМРО-ДПМНЕ не го напушта Парламентот, бидејќи како што додаде Мицкоски, првиот ден ќе помине онлајн гласањето, а вториот закон ќе биде за марихуаната.
Реагираа од СДСМ- граѓаните не сакаат политичари како Мицкоски, кои се без став за важни прашања и кои работат против интересите на својот народ и држава.
Милчо Велески
