Заврши општата расправа за Законот за попис, нема кворум за одлучување
Заврши општата расправа за Законот за попис. Не се упати во втора фаза, зашто немаше кворум од 61 пратеник за одлучување. Од власта и парламентарното мнозинство посочуваат- дизајниран е според стандардите на Обединетите нации и Евростат. ВМРО-ДПМНЕ не присуствуваше на седницата. Сметаат дека со ставањето на европско знаменце на законот е скратена можноста за дебата...

На пленарна седница заврши општата расправа за Законот за попис, но без гласање да се упати во втора фаза, зашто немаше кворум од 61 пратеник за одлучување. Од власта и парламентарното мнозинство посочуваат- законската рамка е дизајнирана според стандардите на Обединетите нации и Евростат која пропишува кои категории влегуваат во резидентното, а кои во вкупното население.
Во ДУИ велат дека Законот за попис е според сите европски стандарди. Од Алијансата на Албанците, пак посочуваат дека тие се во принцип за одржување на пописот во април догодина, меѓутоа имаат дилеми околу тоа на кој начин ќе се попишува населението во однос на националната и верската припадност.
ВМРО-ДПМНЕ не присуствуваше на седницата. Од опозицијата посочија дека со ставањето на европско знаменце на Законот за попис е скратена можноста за дебата, иако во законот има многу недоречености. Велат ќе поднесат амандмани на за корекција на законот, во насока на што е можно покредибилен попис.
Вообичаено е пописите да се спроведуваат на секои 10 години. Последната статистичка операција беше спроведена во 2002 година.
Игор Панов
