САД: Изборниот колеџ ја потврди победата на Бајден
„Време е да свртиме нова страница“, изјави демократот Џо Бајден откако Изборниот колеџ ја потврди неговата победа на последните претседателски избори во САД...

„Време е да свртиме нова страница“, изјави демократот Џо Бајден откако Изборниот колеџ ја потврди неговата победа на последните претседателски избори во САД. Со 306 електорски гласови, тој го порази републиканецот Доналд Трамп кој доби 232 во битката да освои втор мандат за шеф на Белата куќа. Конгресот ќе го потврди гласањето на колеџот на 6 јануари, а две недели подоцна, на инаугурацијата, Бајден ќе даде заклетва како 46-ти претседател на САД.
„Во битката за душата на Америка преовлада демократијата. Народот гласаше за верба во нашите институции. Интегритетот на нашите избори останува недопрен. Сега е време да свртиме нова страница, како што правевме низ историјата, да се обединиме и возобновиме. Како што велев во кампањата, јас ќе им бидам претседател на сите Американци. Ќе работам вредно и за оние кои не гласаа за мене, а и за оние што гласаа“, изјави Бајден.
Неговиот опонент Трамп, кој одбиваше да го признае поразот, засега без коментар за одлуката на Изборниот колеџ. По официјалното гласање, тој најави дека го разрешува од функција министерот за правосудство Вилијам Бар, кој ги одби тужбите на републиканскиот тим за наводна изборна измама.
