Обвинение против девет лица за случајот „Поштенска банка“

15.12.2020 12:33

Тројца се товарат дека сториле кривично дело злоупотреба на службена положба и заедно со уште шест други лица переле пари и вршеле други казниви дела, со што бесправно пуштиле во оптек средства во вредност од над девет милиони евра.

Основното јавно обвинителство до Основниот кривичен суд достави обвинителен акт против девет лица за случајот „Поштенска банка“. Тројца се товарат дека сториле кривично дело злоупотреба на службена положба и заедно со уште шест други лица переле пари и вршеле други казниви дела, со што бесправно пуштиле во оптек средства во вредност од над девет милиони евра.

Првообвинетиот, како директор на поранешната штедилница во државна сопственост, се договорил со другите две лица, преку нивни фирми да се јават како основачи при трансформација на штедилницата во банка. Двајцата зеле краткорочни кредити од комерцијалните банки, а подоцна директорот на банката склучил договори со од нив. На седум посочени фирми им биле исплатени 2,3 милиони евра кредити со коишто биле вратени средствата за основачки влог. На тој начин тие станале акционери на Поштенска банка, што е спротивно со законот, кој не дозволува давање кредит за купување акции во истата банка.

Двајцата обвинети не ги враќале веќе земените кредити, а со внесување на деловниот објект на банката во изградба, директорот им овозможил значително да ја зголемат вредноста на акциите што ги поседувале. Им биле исплатени 81 милиони денари за наводна камата за неодобрената од народна банка, втора емисија на акции. За да се сокријат сите овие трансакции, двете лица подигнале кредит од 3,9 милиони евра кај Еуростандард банка, за што како гаранција ги ставиле акциите на Поштенска банка. Бидејќи не ги враќале кредитите, Еуростандард банка станала сопственик на заложените акции.

Обвинителството донело наредба за проценка на замрзнатиот имот и евентуален дополнителен имот во сопственост на обвинетите, со кој би се реализирала постапката за конфискација.