Бајден: Време е да свртиме нова страница
Време е да свртиме нова страница, рече Џо Бајден по потврдата на победата од страна на Избориот колеџ. Го порази Трамп за 74 електорски гласови. Сѐ уште актуелниот претседател, не го признава резултатот. Новиот 46-ти претседател на САД ќе даде заклетва на 20-ти јануари...

„Време е да свртиме нова страница“, изјави демократот Џо Бајден откако Изборниот колеџ ја потврди неговата победа на последните претседателски избори во САД. Со 306 електорски гласови, тој го порази републиканецот Доналд Трамп кој доби 232 во битката да освои втор мандат за шеф на Белата куќа.
„Во битката за душата на Америка преовлада демократијата. Народот гласаше за верба во нашите институции. Интегритетот на нашите избори останува недопрен. Сега е време да свртиме нова страница, како што правевме низ историјата, да се обединиме и возбновиме. Како што велев во кампањата, јас ќе им бидам претседател на сите Американци. Ќе работам вредно и за оние кои не гласаа за мене, а и за оние што гласаа“, нагласи Бајден.
Актуелниот американски лидер и натаму не го признава поразот, а на Твитер соопшти и дека од функција заминува министерот за правосудство и главниот обвинител Вилијам Бар, кој ги отфрли тужбите на републиканскиот тим за наводна изборна измама. Неговите приврзаници не се воздржаа од протести и за време на гласањето на Изборниот колеџ. Во Мичиген, оваа група беше пресретната од поддржувачите на тимот Бајден-Харис.
„Ако не видиме суштинска реформа во изборите, сигурна сум дека гласањето нема да има никакво значење“, вели поддржувач на Трамп.
„Преку глава ми е од нивната медиумска застапеност. Едвај чекам да видам дека веќе не се на насловните страници“, вели поддржувач на Бајден.
За разлика од повеќето земји кои му ја честитаа победата на Бајден уште по првичните резултати, Русија инсистираше да се чека конечниот исход од броењето во Изборниот колеџ. Претседателот Владимир Путин изрази подготвеност за соработка со САД и покрај сите несогласувања на релација Вашингонт-Москва.
На 6-ти јануари, Конгресот ќе го потврди гласањето на Колеџот. Две недели подоцна, Џо Бајден ќе даде заклетва како 46-ти претседател на САД.
Маја С. Филдишев
