Различни ставови за темите на лидерската
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ бара лидерска на која освен за Бугарија, ќе се разговара и за корона кризата, техничка влада и за економската ситуација. Премиерот Заев не гледа причина за состанок со вакви теми на маса. Барањето го оцени како неразумно и забегано...

Власта и опозицијата не можат да се договорат за темите кои би ги дискутирале на заедничка маса на евентуална лидерска средба. Откако опозицискиот лидер Христијан Мицкоски укажа дека не прифаќа лидерска да организира шефот на државата Пендаровски, премиерот Зоран Заев изјави дека имал намера да информира за разговорите со Бугарија и за содржината на испратениот нон-пејпер, но и за темите кои ги наведе Мицкоски, како корона кризата, техничка влада, економската ситуација.
Според лидерот на ВМРО- ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, шефот на државата го изгубил кредибилитетот.
„Барам средба со лидерите на партиите од власта и опозицијата, на која ќе се дискутира за спорот со Бугарија, за исклучително лошата состојба со корона кризата, потребата за техничка влада и за екстремно лошата економска ситуација“, наведе Мицкоски, што е неприфатливо за премиерот Заев кој го образложи и испратениот нон-пејпер до Бугарија.
Во него пишува дека Северна Македонија нема територијални претензии кон Бугарија и кој било друг сосед, ниту дека ќе се меша во внатрешните работи на соседните земји, справување со говорот на омраза, со примери на спречување и како би требало да се усвои акциониот план за реализација на проекти од повеќе области.
Миле Ристески
