Царовска: Над 90 проценти од учениците успешно следат онлајн настава
Над 90 проценти од учениците успешно следат онлајн настава, има под еден процент заразени наставници и ученици со коронавирус, посочи министерката за образование Мила Царовска...

Над 90 проценти од учениците успешно следат онлајн настава, има под еден процент заразени наставници и ученици со коронавирус, посочи министерката за образование Мила Царовска во рамки на прес-конференцијата за 100 дена Влада.
„Со комбинираниот модел на настава обезбедивме стабилност на образовниот процес и успешно се заврши оценувањето на првото тримесечје и скоро сме при крај на првото полугодие на оваа учебна година. Успеавме да го спречиме ширењето на вирусот во училиштата. Имаме помалку од еден процент заразени ученици и наставници. Истовремено учениците и наставниците се постојано дел од наставата, односно над 90 проценти од учениците успешно следат онлајн настава“, нагласи Царовска.
Се развива целосно нова концепција за основно образование и течат подготовките за државната матура. Според Царовска испитите ќе се одржат според скратени програми, со поедноставни прашања. Нагласува дека матурата е задолжителна и дека таа се спроведува во сите земји во регионот и во Европа.
Ние сме целосно подготвени матурата да се спроведе на соодветен и безбеден начин, со концепцијата усогласена со формалните здруженија на средношколци и матуранти коишто беа на формален состанок во Министерството. Програмите се поедноставени, исто и прашањата, согласно условите во кои ќе се изведе оваа матура, рече Царовска.
