Македонија со четврт највисок економски раст во Европа
16.03.2014 14:34
Растот на економијата е движен од високите капитални инвестиции од Буџетот, како и извозот на фирмите-директни странски инвестиции во ТИРЗ и во индустриските зони...

Постигнавме четврт највисок економски раст во Европа во минатата година и покрај многубројните предизвици и реални последици од светската економска криза и европската должничка кои сеуште се чувствуваат, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер Никола Груевски во отчетот за сработеното на партијата во периодот од 2011 до 2013 година, пренесува МИА.
Растот на економијата, посочи, е движен од високите капитални инвестиции од Буџетот, како и извозот на фирмите-директни странски инвестиции во ТИРЗ и во индустриските зони.
Капиталните инвестиции во периодот 2011-2013, укажа лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, продолжија да растат и во минатата година изнесуваа скоро 20 милијарди денари, пораст од 29 проценти во однос на 2010 година.
„Во овој период завршени се или започната е реализација на крупни инфраструктурни проекти во патната инфраструктура, железничката инфраструктура, нови инвестиции во образованието, здравството, енергетиката и во други области. Мерките што ги презедовме ја постигнаа целта и обезбедија работа за градежништвото и на други 20 индустриски гранки, а доказ за тоа е високото ниво на бруто-инвестициите и високиот раст на градежништвото. Така во периодот 2011-2013 капиталните инвестиции продолжија да бележат раст и во 2013 изнесуваа скоро 20 милијарди денари, што е пораст од 29 проценти во однос на 2010 година“, рече Груевски.
За годинава, најави, како резултат на предвидените крупни инфраструктурни проекти во буџетот, како и изградбата на новите автопатишта и енергетски проекти, планирано е да се реализираат капитални инвестиции од над 38 милијарди денари.
