Продолжува расправата по дополнетиот предлог- буџет за 2021
Дополнетиот предлог буџет, според министерот за финансии Фатмир Бесими, е реален и во него се алоцирани средства онаму каде што ќе дадат најдобар ефект и резултати.

Во Собранието денеска треба да продолжи расправата по дополнетиот предлог буџет за 2021 година. Ова е втор ден. Расправата на пленарна седница трае најмногу пет работни дена, по што се гласа по предлогот. Во дополнетиот предлог се содржани 18 амандмани прифатени во расправата пред матичната собраниска Комисија за финансирање и буџет.
Дополнетиот предлог буџет, според министерот за финансии Фатмир Бесими, е реален и во него се алоцирани средства онаму каде што ќе дадат најдобар ефект и резултати.
Говорејќи за здравствената криза предизвикана од Ковид 19, рече дека домашната економија се соочила со една од најдлабоките рецесии досега што резултирало со пад на економската активност во вториот квартал од речиси 15 проценти. Сепак, очекувањата на Владата се дека годината ќе заврши со пад од 4,4 проценти.
Пратениците од власта сметаат дека Буџетот е коректно поставен и треба да обезбеди ревитализација на економијата и враќање на патеката на економски раст, но доколку пандемијата продолжи, тогаш, според нив, бројките ќе мора да се ревидираат.
Дополнетиот предлог-буџет за опозицијата нема да ги даде очекуваните резултати. Нема да донесе подобро здравство, пофункционално образование, изградба на патишта и железници и реализација на проекти со кои ќе се поттикне економскиот раст. Според опозицијата, ќе продолжат и задолжувањата и непродуктивните трошоци.
