Украина и Русија со примирје за Крим

16.03.2014 15:20

На Крим денеска се одржува референдум на кој граѓаните решаваат дали се за отцепување на Полуостровот од Украина и за припојување кон Русија или за останување во рамките на Украина но со многу повисок степен на автономија...

Воени претставници на Украина и Русија денеска постигнаа договор за примирје на Крим, кој ќе важи до 21 март, соопшти украинскиот министер за одбрана Игор Тењух.
 
По завршувањето на седницата на украинската Влада, Тењух информира дека договорот за примирје го постигнале командантот на украинската Воена морнарица, Сергеј Гајдук и рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу. 
 
До 21 март Русија нема да презема никакви активности против нашите воени единици на Крим. Поради тоа нашите воени единици продолжуваат со поплнување на залихите, нагласи Тењух.
 
На Крим денеска се одржува референдум на кој граѓаните решаваат дали се за отцепување на Полуостровот од Украина и за припојување кон Русија или за останување во рамките на Украина но со многу повисок степен на автономија.
 
Претходно, Тењух обвини дека Русија продолжува да го зголемува бројот на војници во Крим и сега таа цифра е околу 22.000. Во интервју за руски медиуми, тој рече дека согласно договорот, во Црноморската флота требало максимум да има 12.500 војници за 2014 година.
 
За жал, за многу краток период се зголеми бројот на 22.000 војници. Тоа е грубо непочитување на билатералните догвори и доказ дека Русија незконски ги испраќа своите војници на Крим, изјави тој.
 
Тењух нагласи дека во петокот бројот на руски војници во Крим бил 18.400, и затоа „украинските вооружени сили преземаат посебни мерки на јужната граница“.