„Созерцание“- омаж на Арво Перт во Филхармонија

17.12.2020 12:54

Ансамблот и хор „Профундис“ по диригентската палка на Ѓурѓица Дашиќ вечерва ќе одржат концерт „Созерцание“, омаж на Арво Перт во големата сала на Филхармонија.

Ансамблот и хор „Профундис“ по диригентската палка на Ѓурѓица Дашиќ вечерва ќе одржат концерт „Созерцание“, омаж на Арво Перт во големата сала на Филхармонија. На програмата се: Де профундус за машки хор, перкусии ад либитум и оргули, Трисагион (за гудачки оркестар), Стабат матер (верзија од 2008 за гудачки оркестар)и Молитва по Канон (од „Канон покајанен“) за мешан хор и гудачки оркестар (2018).

Опусот на современиот естонски композитор Арво Перт изразува љубов и пренесува духовна моќ, две есенцијални состојки на добрата музика. „Музиката е мојот пријател. Пријател кој има разбирање, емпатија, простува, теши. Парче ткаенина кое ги брише солзите. Извор на солзи радосници. Но, во исто време и болна како трн во телото и душата“, вели Перт, композиторот кој е роден на 11 септември 1935 година во Паиде. Автор е на многу дела – „Пасио“, „Стабат матер“, „Те деум“, „Мисерере“, „Канон покајанен“... Колку е плоден како композитор покажува и фактот дека во последните десетина година реаранжираше и создаде околу 25 нови дела.

Камерниот оркестар „Профундис“ е нов уметнички состав чија цел е промоција на квалитетот и особеноста на изразот со посебен акцент на еманципација на сите концертни изведувања.

Покрај класичниот репертоар, кој опфаќа музичко творештво од епохата на барокот па сè до денес, камерниот оркестар „Профундис“ се стреми кон развој и изнаоѓање поинакви начини на презентација на музиката (дигитални концерти, 3Д-мапинг, учество и презентација на нови технологии).

Квалитетот на оркестарот, составен од веќе докажани имиња, и неговата флексибилност во презентирањето на сите стилски епохи, под уметничко водство на диригентката Ѓурѓица Дашиќ, го дефинираат како уметнички ансамбл на 21 век, способен да одговори на сите барања на музичката продукција.