„Фајзер“ проверува случај на алергиска реакција на вакцината во САД
Алергиска реакција од вакцината на „Фајзер“ и во САД. Дел од политичарите ќе ја враќаат довербата на народот преку личен пример. Бајден и Пенс најавија дека наскоро ќе се вакцинираат против Ковид-19. Во Русија поделено мислењето за „Спутник 5“. СЗО тврди дека вакцината не е магично решение. Во меѓувреме, „Твитер“ најави дека ќе ги отстранува објавите во кои се наведуваат лажни или погрешни тврдења за вакцината против Ковид-19.

Американските власти предупредија дека во првите денови од употребата на вакцината на „Фајзер“ биле забележани неочекувани проблеми. Според американското министерство за здравство, компанијата известила дека се соочила со проблем и во производствениот процес. Слично како и во Британија, и во САД е регистрирана алергиска реакција кај лице кое примило вакцина против ковид-19.
„Не планираме да го менуваме календарот на вакцините, ни дозите, ни постапката. Сето ова е во рамките на очекуваното и внимаваме“, изјави доктор Ен Цинк.
Во Русија поделени мислењата за „Спутник 5“. Имунизацијата во Москва почна веднаш по Британија. Неколкумина во Сибир кои ја примија вакцината подоцна повторно биле заразени, но здравствените претставници изјавија дека за нив не поминало доволно време да развијат антитела.
„Пред да почне да се користи медицински производ, тој мора да биде докажан. Независно од тоа колку го фалат комапниите или претседателот, ние мора да имаме цврсти докази за неговата валидност“, вели доктор Алексеј Ерлик.
„Одлучив да се вакцинирам, не бев принудена. Но морам да кажам дека беа преземени одредени чекори од админситрацијата на болницата да нè убедат.“
Поголемиот дел од Европа ги зголемува рестрикциите пред божиќните празници. Од 24 декември до 3 јануари во Италија отворени ќе бидат само продавниците за храна и аптеките.
Празни улици и низ Амстердам откако холандската влада ги заостри мерките. Наставата во училиштата и универзитетите добива онлајн формат, а во градинка се згрижуваат само децата на работниците од клучните сектори. Дозволени се домашни посети од најмногу две лица дневно, но ова правило ќе биде ублажено на католичкиот Божиќ кога ќе смеат на гости да одат по три лица.
Германија веќе ја претстави стратегијата за вакцинирање откако беа регистрирани над 900 смртни случаи во едно деноноќие. Имунизацијата треба да почне пред крајот на годинава.
СЗО тврди дека вакцината нема да биде магично решение за вирусот. Идниот месец, нејзин меѓународен тим оди во Кина за утврдување на потеклото на ковид-19.
„Постои светло на крајот на овој долг тунел, но вакцините не се магично речение со кое ќе заврши пандемијата во блиска иднина. Развојот на една безбедна и ефикасна вакцина е една работа. Произведувањето во соодветни количества и пристапот до нив за секој кому му се потребни е друга“, изјави доктор Такеши Касаи, регионален директор на СЗО за Западен Пацифик.
Слично и во регионов. Во Хрватска речиси 4.000 новозаразени, следните 6 месеци не се очекува попуштање на мерките. Рестораните и трговските центри во Бугарија затворени до крајот на годинава. За разлика од овие земји, Словенија одлучи да ги намали рестрикивните мерки.
На глобално ниво се евидентирани 1,65 милиони смртни случаи.
Маја С. Филдишев
