„Шеби Арус“ - денови на Руми

МРТ на манифестацијата во чест на Мевлана Руми

17.12.2020 15:15

Манифестацијата „Шеби Арус“ или денови на Руми се одржува секоја година на денот на неговата смрт 17 декември, со низа претходни чествувања, комеморации и прослави. Градот Коња во централна Анадолија, кадешто Руми го поминал најголемиот дел од својот живот е вистинска „Мека“ за следбениците на Руми, суфизмот и дервишката мистика...

По повод 747-годишнината од смртта на големиот поет, правник и теолог Мевлана Џалалудин Руми, во Коња, Република Турција традиционално се чествуваат деновите посветени на големиот поет. Манифестацијата „Шеби Арус“ или денови на Руми се одржува секоја година на денот на неговата смрт 17 декември, со низа претходни чествувања, комеморации и прослави. Градот Коња во централна Анадолија, кадешто Руми го поминал најголемиот дел од својот живот е вистинска „Мека“ за следбениците на Руми, суфизмот и дервишката мистика вклучувајќи ги и сите љубители на неговиот стих, место кадешто религиите постануваат симбол на еднаквост, духовна врата отворена за сечие срце. И токму затоа  градот Коња го носи епитетот „лулка на цивилизациите и религиите“, најпозната по делата на Мевлана Руми, кои се само дел од целокупното историско и културно наследство во овој дел од Турција. Секоја година, посетителите од сите краеви на светот кои веруваат и ја почитуваат филозофијата на Мевлана присуствуваат на церемониите што се одржуваат во Коња, церемонии кои го шират љубовниот и хуманистички поглед кон целото човештво а се слават со ентузијазам и восхит.

83-та од манифестациите на „Шеби Арус“ оваа година се реализира со поддршка на Министерството за Култура и Туризам на Р.Турција, традиционално одбележувајќи ја годишнината од смртта на светски познатиот мистичен суфи поет и научник. Првата од церемониите се одржа без присуство на публика поради Ковид  пандемијата на 7 декември во Коња, а без публика ќе се одржи и втората од церемониите кои ќе бидат пренесувани во живо на дигитални платформи и телевизии.

По повод деновите на Руми, Македонската Радиотелевизија на покана на советничката за култура и промоција при Амбасадата на Република Турција во Република Македонија, г-ѓа Чигдем Ѓулу, е дел од манифестациите во градот Коња, а МРТ пред македонската публика и јавност ќе се претстави со документарен филм во продукција на Македонската Телевизија - посветен на големиот поет Мевлана Руми со цел доближување и популаризација на ова древно учење, филозофија и поезија.

Мевлана Џалалудин Руми, кој живеел во 13 век се смета за најголемиот филозоф на суфизмот. Сакан и почитуван во сите религии со своите песни и религиозни списи го анализира и опева целокупното човештво. Поуките на суфи поетот и исламски научник Руми имале големо влијание и врз мистичната мисла и врз литературата низ целиот свет. Вистинска љубов за него значи љубов кон Бога; смртта за него е денот кога ќе се сретне со Бога. Затоа годишнината од смртта, 17 декември, не се смета за ден на жалост, туку за ден на прослава. Церемониите на „Шеби Арус“, кои се одржуваат секоја година на 17 декември, значат „средба со саканиот" или „Свадбената ноќ“. Свадбената ноќ за Мевлевиите е позната како ноќ кога починал Руми. Според Мевлана  Руми ноќта на неговата смрт е „Свадбена ноќ“ бидејќи сметал дека оваа ноќ е ноќ на повторното обединување со Господ. Мевлана ја толкува смртта како „враќање кон Бога“ заради враќањето на лицето во генезата на божествената материја; смртта за него не е исчезнување на телото, туку патување кон Бога. УНЕСКО ја прогласи 2007 година, осумстотиот роденден на Мевлана, за „Меѓународна година на Мевлана“.

Диме Ратајкоски