ВМРО-ДПМНЕ: Историјата е наука и не смее да биде производ на одроднички и сервилни политики на власта
Историјата е наука и не смее да биде производ на одронувачки и сервилни политики на власта, ВМРО- ДПМНЕ против укинување на предметот како самостоен во основното образование. Од СДСМ велат- не се укинува, се менува пристапот кон изучување на материјалот...

Историјата е наука и таа не смее да биде производ на одроднички и сервилни политики. Повикуваме на разум и на повлекување на концептот кој што содржи ретуширање на историјата, како личен производ на предавничките политики на Зоран Заев, ова е ставот на опозициската ВМРО- ДПМНЕ по најавите на Владата за промена на наставните програми, според кои историја во основното образование веќе нема да се учи како посебен, туку ќе биде дел од предметот општествени науки.
Опозицијата обвинува дека со ова Владата удоволува на Бугарија и планира смена на дел од членовите во историската комисија. Историјата ги содржи сите одговори за она што е содржано во битот на еден народ и едно современо општество и во која насока истото треба да се развива, вели Иванка Василевска од ВМРО – ДПМНЕ.
Предметот историја не се укинува, ниту се брише, ниту се ретушира, џабе лаже оваа загубена партија. Тоа не е точно, се менува пристапот кон изучување на материјата – реагираат Социјал-демократите. Велат дека потребна е реформа на образованието бидејќи ВМРО – ДПМНЕ за 11 години владеење направиле невиден хаос.
Во партиското соопштение на Социјал демократскиот сојуз посочуваат оти следува сеопфатна реформа на образованието, а промените кои следуваат ќе им овозможи на учениците поквалитетна настава, подобро и потемелно разбирање на материјата од сите научни дисциплини.
Миле Ристески
