„Северна Македонија ја осудува уцената“- реакции во Франција по бугарското вето

17.12.2020 15:52

Францускиот печат, за разлика од германскиот, многу малку се осврна на односите меѓу Северна Македонија и Бугарија во однос на бугарското вето за почетокот на преговорите за членство во ЕУ.

Францускиот печат, за разлика од германскиот, многу малку се осврна на односите меѓу Северна Македонија и Бугарија во однос на бугарското вето за почетокот на преговорите за членство во ЕУ.

Најстариот француски дневен весник „Фигаро“,  на својата интернет страница, исто како и најголемиот регионален весник „Уест Франс“ ја пренесува веста на Франс Прес под насловот „Северна Македонија ја осудува „уцената“ во процесот на пристапување во ЕУ“. Односно, изјавата на македонскиот министер за надворешни работи Бујар Османи, кој од Парга ја повика ЕУ да ја спречи „уцената“ на нашата земја, која сега мора да се соочи со нови пречки за нејзиното членство во заедницата.

Северна Македонија го смени своето име минатата година за да стави крај на спорот со Грција што ги блокираше нејзините европски амбиции, но сега се соочува со противење од Бугарија со барање да ги признае „бугарските корени“ на нејзиниот јазик, нејзиниот народ и нејзината историја, потсетуваат „Фигаро“ и „Уест Франс“.

Бугарија, според француските весници, ги блокираше разговорите меѓу министрите на ЕУ за кандидатурата за членство на Северна Македонија во ноември. Или како што напиша „Ла Кроа“, Северна Македонија заглавена на вратата на Европа. Во анализата на радиото Франс Култур, под насловот „Западен Балкан дали е навистина добредојден во ЕУ“,се потсетува дека во ваквиот контекст, западните европејци се уште се песимисти за проширувањето и заморени од проширувањето. Уште повеќе ако се знае дека тие не го сакаа последниот бран со приемот на Бугарија, Романија и Хрватска.

Oчигледно забавувањето на процесот на проширувањето, некои го оценуваат како добро за ЕУ, како професорот на Универзитетот од Монтреал, на катедрата Жан Моне, Панајотис Солдатос, кој исто така е професор на универзитетот од Лион. Според него не треба да се брза со проширувањето по направените грешки во претходните бранови, односно тој се залага за продлабочување на ЕУ со создавање на федерално јадро, бидејќи проширувањето е разводнување  и исчезнување на Унијата.

Исто како и официјален Париз, кој лаконски останува на својата позиција да се почитува новата методологија на проширувањето, без коментари за повторната блокада на Северна Македонија.

Тони Гламчевски