Како да се избере вистински подарок за детето
Овој период е еден од најубавите во годината, полн со мечти, со подароци, со убави желби, особено за децата. Изборот на подароци за децата е многу важен, и не е само важно да биде скап и голем туку нешто во кое ќе бидат вклучени и родителите, заедничката радост да се споделува, а преку тоа и да се учи.

Играта претставува важна компонента во растењето на децата. Преку играта учат и развиваат нови вештини. Низ играта децата истражуваат и експериментираат. Играта е простор низ кој се искажуваат и се докажуваат, тогаш се целосно свои. Кога почнуваат рекламите со Дедо Мраз почнува волшебниот период кога се мечтае за убави подароци. Но поради преголемата понуда може да се направи погрешен избор на играчка за детето.
Еве неколку совети од психолозите за родителите како помош при изборот, со цел празниците да бидат исполнети со поголема радост, наместо разочарување.
Внимавајте на возраста на детото и на тоа што сака најмногу да прави. Ако подарокот е од сферата на неговите интереси, радоста ќе биде поголема.
Децата секогаш сакаат да си играат со родителите . Може да осмислите некоја колективна игра за целото семејство, на која децата ќе ви бидат бескрајно благодарни и ќе ја паметат како еден од најубавите подароци. Вашата присутност и внимание е највредниот подарок. Децата најдобро учат кога се вклучени возрасните, најмилите.Убаво е да се подари нешто кое што децата ќе можат да го споделат со другите деца или со семејството, како сложувалка, друштвени игри за повеќе лица, така ќе се поттикне социјализацијата и желбата да се биде најдобар. Во зависност од возраста и интересирањето, може да се обидете со сет за правење куќички за птици, или сета за правење колачи, така заедно со вас ќе можат и да играат и да учат. Една обична картонска кутија може да послужи како инспиративен предмет, кој може со малку фантазија и трансформација да се претвори во куќичка, замок, автомобил, коњче и уште многу други работи.
И движењето треба да се направи забавно, движењето ја инспирира играта и го вклучува умот. Аеробик, боречки вештини и јога се дел од вежбите кои го подобруваат когнитивниот развој на детето. Пуштањето летала е одличен начин детето да игра, да се движи и да се забавува.Убави и корисни се и подароците кои траат подолго, како табли за цртање коцки за сложување или велосипед кој е е прилика детето да се движи.
Играњето игри со погодување зборови на буква на буква, или асоцијации, весела географија или весела математика, се одлична основа за флексибилност и размислување. Разнобојни монистри, ленти, хартии, лепак,ножички, се одличен креативен пакет за сопствените уметнички идеи и продлабочување на креативноста. Конструктивните играчки како коцки од кои се прават мноштво облици, го развиваат критичкото мислење и научно расудување.
Децата треба да се учат да се фокусираат, свесно да го насочуваат своето внимание, а тоа најдобро се учи со правилно дишење. Така се намалува стресот и се подобрува концентрацијата.
Шетањето во природа или играње во дворот е добредојдено за сите. Прибор за копање земја, лопатче, ракавици, камчиња, кофича, се класика но безвремена корисна игра преку која децата уживаат во допир со природата и учат за неа.
Некои повозрасни деца сакаат книги, интересни енциклопедии кои ќе му отворат нови светогледи
Многубројните тестови на психолозите и педагозите покажуваат дека е подобро децата да имаат помалку играчки-квалитет пред квантитет. Важно е тие да се добри за детскиот оптимален развој, според нивните афинитети. Важно е секогаш да ја дожуваат играта и играчките како нешто преку кое може слободно да ја изразат својата воља и чувствата, да ја поттикнуваат својата интелигенција, креативност, да ги раздвижува нивните фантазии кои се основа за идните занимања , за творештво , за да бидат мајстори на својот занает кој ќе го работат со љубов, во кој ќе уживаат како во детството.
Соња Стојановска
