Стапуваат во сила новите рестриктивни мерки
Стапуваат во сила новите рестриктивни мерки кои ги усвои Владата по препорака од Комисијата за заразни болести. Новиот пакет мерки ќе важи до 21-ви јануари, а целта е во текот на претстојниот празничен период да не дојде до зголемување на бројот на новозаразени од корона вирус...

Стапуваат во сила новите рестриктивни мерки кои ги усвои Владата по препорака од Комисијата за заразни болести. Новиот пакет мерки ќе важи до 21-ви јануари, а целта е во текот на претстојниот празничен период да не дојде до зголемување на бројот на новозаразени од корона вирус.
Од денеска кафулињата, рестораните и сите други угостителски објекти ќе затвораат во 18 часот, наместо до 21 часот како досега. Во сила останува забраната за собири на јавни места и се апелира до единиците за локална самоуправа да го засилат надзорот за почитување и спроведување на оваа мерка.
Забрането е групирање по плоштади за прослава на Нова година, како и секаков вид на собири во периодот на празниците. Хотелите ќе треба да ги затворат своите ресторани по 21 часот. Забрана за собири на отворено и ограничен број постетители во затворен простор со задолжително носење на маски ќе важи и за празнување и на верските празници кои следуваат.
Според последниот извештај на Министерството за здравство регистрирани се 657 нови случаи на Ковид-19, од направени 2.047 тестирања. Починато е 31 лице на возраст од 40 до 88 години, од нив, тројца пациенти се починати вон, а преостанатите во болнички услови. Институтот за јавно здравје регистрира и 920 оздравени пациенти.
Во неделниот извештај стои- се намалува бројот на новозаразени и починати од коронавирус во земјава, но и натаму, најзастапена возрасната група над 60 години. Најмал број е регистриран кај децата.
Во изминатата недела заболеле 5.518 граѓани од ковид или за 14 насто помалку од претходната. Најголем дел се од Скопје. Имало 174 смртни случаи, помалку за 5,4 проценти од претходната недела. Регистрирани се 5.313 оздравени граѓани.
