Гутереш: Пандемијата го преврти животот наопаку
„Пандемијата го преврти светот наопаку. Се соочуваме со најголемата здравствена и економска криза на нашето време“ – рече генералниот секреар на Обединетите нации во обраќањето во германскиот Бундестаг. Апел до богатите нации да го поддржат купувањето вакцини против Ковид-19 за сиромашните земји...

Глобалните предизвици имаат потреба од глобални решенија, изјави генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш. Тој имаше ретка можност како негермански политичар да зборува во германскиот Бундестаг. Истакна дека нема доволно меѓународна соработка во момент кога светот се соочува со најголемата економска криза на денешницата и кога пандемијата го сменила животот.
„Пандемијата го преврти светот наопаку. Се соочуваме со најголемата економска криза на нашето време. Пандемијата откри длабоки линии на поделба, нееднаквост, неправда, несоодветно социјално осигурување. Насекаде најслабите страдаат најмногу. Потребен ни е космополитизам за подобра иднина. Сепак, на премногу места гледаме тенденција за раздвојување. Од историјата знаеме дека политиката заснована на бес води кон катастрофа“, рече Гутереш во својот говор.
Гутереш критикуваше дека популизмот претставува растечка закана ширум светот и дека светот треба да се бори против вирусот на дезинформации. Упати апел до богатите нации да поддржат купување на вакцини за коронавирус за сиромашните земји и да се воздржат од складирање дози. Меѓудругото, предупреди дека во е интерес на сите земји да се обезбеди широка имунизација.
„Сега е важно вакцините да се гледаат како глобално јавно добро. Тие треба да бидат достапни насекаде и за секого. Во целиот свет гледаме како популизмот ја игнорира науката и ги доведува луѓето во заблуда. Човековите права треба да станат реалност на животот на луѓето насекаде. И не станува збор за ова или за тоа специфично право. Станува збор за сите права. Најголемата закана за нашата безбедност не се војните, туку самоубиствената војна против природата. Климатската закана е реалност“, нагласи Гутереш.
Генералниот секретар на ООН, кој го одржа својот говор на германски јазик, и се заблагодари на Германија за многукратниот ангажман во мировните активности низ светот.
Марина Ристова
