Франција се соочува со висока загаденост на воздухот
16.03.2014 17:03
Парискиот регион, Бретања, северниот и југоисточниот дел на Франција од четвртокот го достигнаа и преминаа максималното ниво на загаденост на воздухот со честички. За да се намали загаденоста, властите ги охграбруваат автомобилистите да ги остават возилата во гаражите, нудејќи им бесплатен јавен превоз на сите...

Една третина од територијата на Франција се наоѓа под облакот на ситните честички, помал од 10 микорометри. Микро прашина која станува видлива во голема концентрација и која најчесто доаѓа од издувните гасови на дизел моторите, греењето и индустријата, комбинирана со студените ноќи и топлите денови, што не дозволува нејзино растурање.
Повеќе француски градови и најнапред Париз и парискиот регион одлучија градскиот превоз да биде бесплатен за сите корсиници.
„Оваа е добра инцијатива. Денес не се послужив со мојот автомобил...Обично користам велосипед, но со загаденоста на воздухот белите дробови печат, тешко е да се вози велосипед во Париз, затоа користам метро“, велат анкетираните граѓани.
Во Париз и парискиот регион дозволената брзина на сите патишта е намалена за 20км/час.Полицијата од своја страна ја засили контролата на брзината и на издувните гасови на возилата.
„Постои свест кај луѓето за загаденоста, иако станува збор за обврзувачки мерки. Однесувањето на секој од нас ќе дозволи нејзино намалување“, вели Жан-Пол Кихл, заменик префект за одбрана и безбедност.
Кардиологот Пјер Суве, објаснува дека овие микро честички можат да предизвикаат асма, алергии, заболување на органите за дишење, а додека најситните под 2,5 микрометри се ставени во категоријата на канцерогени материи, а тука се и ризиците од заболувањата на срцето и крвниот систем.
„Треба да се антиципираат проблемите, бидејќи тие ќе бидат влошени со климатските промени и се почесто ќе имаме ситуација на висока загаденост“, вели Пјер Суве, Кардиолог, претседател на асоцијацијата Здравје- Приорода.
Бесплатниот градски превоз, бесплатните велосипеди и елетрични автомобили за изнајмување се само времено решение. Потребни се долгорочни мерки, не само во Франција, туку и на ниво на Европа, бидејќи загаденоста на воздухот не познава граници.
Заладувањето овој викенд ќе треба да ја подобри моментната ситуација и ќе дозволи да се дише малку почист воздух.
Тони Гламчевски
